
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу, денеска излегоа на терен каде одблиску ја следат и координираат интервенцијата за гасење на пожарот кој зафати нискостеблеста и деградирана шума на потегот меѓу селата Церово и Групчин, во општина Желино.
Како што информираат од ЦУК, имало навремената координација од страна на Центарот за управување со кризи и брзата реакција на надлежните институции, во акцијата за гасење на пожарот се вклучиле и екипите на Територијалната противпожарна единица Тетово, авион од типот „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и екипи на Министерството за внатрешни работи со едно специјализирано возило – воден топ.
Со заеднички и добро координирани напори на сите ангажирани служби, пожарот е успешно ставен под контрола. Потсетуваме дека ризикот од појава и ширење на пожари во летниот период останува висок. Од особена важност е подигнување на свеста кај граѓаните за одговорно однесување во природа, со цел навремена превенција и заштита на животната средина и безбедноста на населението, информираат оц ЦУК.