
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР, Александар Јанев, денеска во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје остварил работна средба со челните луѓе на Единицата за интервентна полиција, ОСПО односно САЕ Тигар и ЕБР, како и со раководството на Секторот за внатрешни работи Штип и на СВР Скопје.
Како што информира МВР, на средбата Јанев бил информиран за сите детали од активностите на овие организациски единици при БЈБ преземени синоќа за расчистување на убиството во Штип по кое, „сторителот на кривичното дело, како и останатите инволвирани во настанот, набргу беа лоцирани и приведени од страна на полициските службеници од ЕИП, СВР Штип и СВР Скопје“.
Притоа, директорот Јанев, изразувајќи благодарност на полициските службеници истакна дека целокупната акција е извонреден практичен пример на крајно професионално, координирано и ефикасно заедничко постапување на полициските служби, соопшти МВР.
Јанев при посетата на касарната „Ѓорче Петров“ положил цвеќе и оддал почит пред споменикот на загинатите припадници на Единицата за брзо распоредување при БЈБ на МВР.
Воедно, директорот Јанев одбележувајќи го датумот од трагичните настани во кумановско „Диво Насеље“ денеска на споменикот на трагично загинатите припадници на МВР во кругот на СВР Куманово положи цвеќе, се наведува во соопштението на МВР.