
Со порака дека започнува нова, порешителна и посветена фаза во дејствувањето на партијата, претседателот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска го отвори Вториот конгрес на партијата, кој се одржа во Скопје, пред делегати, членови и коалициски партнери. Во своето обраќање, Димитриевски подвлече дека ЗНАМ, за кратко време, од надеж станало реалност, сила и фактор во македонската политика.
– За една година направивме нешто што не го направиле другите со децении. Формиравме 52 општински организации и ја формиравме Градската организација на Скопје. Ова не е само организациски успех – ова е темел на движењето, кое има цел да ја трансформира Македонија од држава на разочарани граѓани во држава на можности, правдина и достоинство. Движењето ЗНАМ се роди од потребата за морална и за политичка обнова на Македонија. Ќе се бориме за заштита и за унапредување на интересите на македонскиот народ и на сите други етнички заедници во државата, со почит кон различноста и еднаквост во можностите. Ќе ги браниме и ќе ги промовираме граѓанските, културните и човековите права на македонското малцинство надвор од границите на Македонија, во согласност со европските стандарди и сите меѓународни договори и конвенции. Ќе ги развиваме демократското општество и меѓуетничката толеранција, ќе се бориме против корупцијата, ќе изградиме стручен и независен државен апарат, заснован на одговорност, отчетност и на транспарентност, рече Димитриевски.
На Конгресот, лидерот Димитриевски го повтори јасниот став на ЗНАМ: европскиот пат на Македонија е единствената опција, но не по цена на национално обезличување. Тој потсети дека партијата ја предложила т.н. Национална платформа за македонско национално единство – документ што ги дефинира црвените линии на македонскиот национален интерес – и повика сите политички партии да ја прифатат.
– Ова не е платформа на ЗНАМ – ова е платформа на иднината, на достоинството, на народот! Ние кажевме гласно и јасно: никој нема право да преговара за македонскиот идентитет! Јазикот, историјата, културата и самобитноста на македонскиот народ се неприкосновени! Тие не се валута за размена, туку вредности за одбрана! Македонија има место во Европската Унија. Но нема да влеземе во ЕУ како народ без идентитет, туку како Македонци со достоинство, свој јазик, своја историја, своја гордост! Нашиот пат е европски, но нашата душа е македонска! Ќе кажеме „да“ за ЕУ, но не по секоја цена. Не по цена на асимилација, не по цена на понижување – рече претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, осврнувајќи се на идентитетските прашања што се дел од актуелната политичка дебата околу извештајот на Европскиот парламент.
Во делот посветен на учеството во извршната власт, Димитриевски истакна дека ЗНАМ не гледа на институциите како на „плен, туку како на одговорност“ и дека приодот на партијата се темели на стручност, отчетност и на чесност. Тој напомена дека партијата има свои претставници во клучни министерства и институции, меѓу кои се Министерството за правда, дигитална трансформација, земјоделство и внатрешни работи, како и во неколку инспекторати и агенции.
– Не се залагаме за вработување на „своите“, туку на стручните. Не зборуваме за реформи, туку ги спроведуваме. ЗНАМ не е како ВМРО-ДПМНЕ. ЗНАМ не е како СДСМ. ЗНАМ не е како ниедна од постојните партии. Ние не сме производ на транзицијата. Ние сме одговор на нејзините неуспеси. Затоа ни верува народот. Затоа нè следат луѓето – рече Димитриевски.
ЗНАМ ќе продолжи да создава генерации нови лидери
Лидерот на паријата порача дека ЗНАМ ќе продолжи да се шири, да се зајакнува, да се подмладува и да создава генерации нови лидери. Најавувајќи го самостојниот настап на ЗНАМ на следните локални избори, Димитриевски рече дека партијата ќе понуди „чесни, храбри и посветени кандидати“ во секоја општина. Во некои средини соработката со ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи, но изборот на кандидати ќе биде исклучиво партиски, со фокус на квалитетот и на локалниот развој.
– Ќе тропнеме на вратите не за да бараме поддршка за партијата, туку за една нова етика во политиката – истакна тој, додавајќи дека локалната власт ќе биде третирана како сервис на граѓаните, а не како средство за партиска контрола.
Димитриевски им порача на актуелните функционери од редовите на ЗНАМ дека функцијата доаѓа и си заминува и дека утре повторно ќе се вратат во старите обувки.
– Внимавајте, работете по закон, кога ќе заврши позицијата, вклучувајќи ме и мене, ќе мора да се вратиме во старите чевли и да излеземе на улица со обичните граѓани, рече тој.
Димитриевски го заврши обраќањето со силна емотивна порака. Тој повика за мобилизација на сите што веруваат во достоинствена, демократска и праведна Македонија, порача дека ЗНАМ ќе продолжи да расте и да ја гради третата опција во македонската политика – алтернатива на разочарувањата од досегашните политички елити.
– Ние не ветуваме чуда. Ветуваме работа. Не ветуваме моќ. Ветуваме резултати. Ова не е крај. Ова е почеток на нова етапа. Да живее ЗНАМ! Да живее Република Македонија! – изјави Димитриевски, поздравен со аплауз од делегатите.
Движењето ЗНАМ беше основано во 2023 година од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, по неговото разидување со СДСМ. Започна како реакција на, како што тогаш велеше, „заробениот политички систем и погрешните одлуки на старите елити“. Денес ЗНАМ е коалициски партнер во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.