Skip to main content

Д-р Николов: На пациент повреден во пожарот во Кочани му е направена трансплантација на лице

Александар Ивановски / Д-р Николов: Ова се пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација од повеќе аспекти

На пациент повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се лекува во еден во центрите во странство му е извршена трансплантација на лице. Претходно имавме и трансплантација на кожа. Ова се пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација од повеќе аспекти и тоа рехабилитација на телесните повреди, потоа и од стресот што го доживеале, изјави за „Република“ д-р Игор Николов, кој беше назначен за сите инфорамции поврзани со сотојбата на повредените пациенти кои се на лекување во странство.

На 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани во пожар загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.

Во моментов 108 пациенти се лекуваат во странство, а во Скопје вкупно 23. Сите се стабилни и во добра состојба.

Оваа трагедија во Кочани прилично влијаеше не само на околината, туку и на нас, здравствените работници, имајќи предвид дека со вакво нешто не сме се соочиле, со олкав број повредени одеднаш, кои се млади, блиски меѓу себе и кои беше потребно во кратко време да бидат тријажирани и соодветно третирани, вели д-р Николов.

Тој во разговор за „Република“ објаснува дека веднаш по трагедијата во Кочани се понудија за помош повеќе земји кои имаат искуство со вакви несреќи.

Меѓу првите пристигна тим од Израел, којшто ја понуди и ја даде својата експертиза. Во исто време имавме и тим од воено-медицински стручњаци од Чешка. Тие заедно работеа со нашите медицински лица кои ги третираа пациентите. Од нив добиваа совети и искуства за начинот на третман и тоа во овој почетен период, по акутното настанување на повредите. Со нив правевме план за натамошниот третман, за понатамошното следење на пациентите. Станува збор за долготрајна битка која нема да заврши за брзо време. Ова се пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација од повеќе аспекти и тоа рехабилитација на телесните повреди, потоа од стресот што го доживеале. Имаме пациенти кои се третираат во центри во странство каде што им е направена трансплантација на кожа, последни податоци се дека има пациент на кој му е направена трансплатација на лице, значи целиот овој план за третман ќе биде долгорочен. Тој опфаќа медицинска, физикална рехабилитација, бидејќи на пациентите им е потребно враќање на мобилноста на телото, потоа рехабилитација, односно третман на изгорениците, но и психолошка рехабилитација која ќе им биде неопходна, како на повредените, така и на нивните семејства. Планираме и подготвуваме тимови од физикална медицина, тимови од психологија-психијатрија кои треба да работат со пациентите, тимови од пластична хирургија. Пристапот е мултидисциплинарен. Се бориме за животот на секој еден повреден, изјави д-р Николов.

Целото интервју со д-р Игор Николов ќе биде објавено наскоро.

Поврзани вести