
Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар и заменик директор на Државниот архив, Димитар Богески, во ова интервју зборува за визијата, проектите и приоритетите што неговата партија ги предлага за општината. Со детална програма и јасен план за работа, тој вели дека Центар ќе добие вистинска локална власт која ќе работи чесно, отчетно и во интерес на сите граѓани.
Богески нагласува дека партијата е свесна за грешките од минатото и дека политичката цена за тие грешки е одамна платена. По повеќе од 12 години опозиција во Општина Центар, ВМРО-ДПМНЕ денес настапува со нова енергија, план и визија – со тим што е подготвен за вистинска промена.
Господине Богески, по што се разликува вашата програма за Општина Центар од досегашните политики што ги спроведува актуелниот градоначалник?
Нашата програма не е документ за кампања, ниту празни ветувања – таа е реален план за обнова на Општина Центар, направен по широки консултации со жителите. Последните години, општината беше жртва на импровизации, неплански урбанизам и неисполнети ветувања.
Свесни сме дека и во минатото сме правеле грешки и ја плативме политичката цена за тоа. Но денес сме поразумни, поискусни и посилни – подготвени да работиме чесно и посветено.
Ние доаѓаме со јасна идеја – да го вратиме редот, функционалноста и довербата во локалната власт. Центар треба да биде урбан, зелен и безбеден простор каде секој граѓанин ќе се чувствува достоинствено.
Нашата визија е Центар да стане пример за современа и транспарентна општина, со администрација што е блиска до луѓето, а не до привилегираните.
Сообраќајот, паркирањето и екологијата се постојани проблеми во Центар. Имате ли план како ќе го решите тоа?
Проблемот со паркирањето е хроничен, а решенијата што досега се нудеа беа половични. Ние предвидуваме изградба на катна гаража кај ТЦ Буњаковец, како и монтажни гаражи во Капиштец и Ново Маало, за трајно решавање на проблемот со недостиг од паркинг-места.
Воедно, ќе воведеме нова „Зона 30“ за побезбедни маалски улици, како и вело-коридори што ќе ги поврзат сите делови на општината.
Еднаш месечно ќе организираме „Ден без автомобили“ во делови од Дебар Маало и централните булевари – симболична, но важна порака за еколошка свест.
Нашата цел е да создадеме Центар кој се движи лесно, дише чисто и функционира модерно.Во однос на екологијата, Центар мора повторно да стане зелено срце на Скопје. Планираме засадување на илјадници дрвја, уредување на мини-паркови и зелени катчиња во сите населби. Ќе воведеме субвенции за енергетски ефикасни фасади, соларни панели, замена на стари грејни тела и мобилна апликација „Зелен Центар“ за пријавување загадување.
Ќе ја вратиме природата во градот, затоа што Центар треба да дише, не да се гуши во бетон.
Во вашата програма се споменуваат младите. Што предвидувате за нив?
Нашата стратегија за младите е практична, не декларативна. Ќе отвориме Младински центар – простор каде младите ќе создаваат идеи, ќе учат и ќе се поврзуваат. Ќе има Младински буџет, со кој тие директно ќе одлучуваат за локални проекти.
Воведуваме субвенции за возачка дозвола, стартап ваучери и младинска картичка со попусти за спорт и култура.
Во училиштата ќе продолжиме со реконструкција и модернизација, бесплатни оброци за учениците до четврто одделение и повеќе логопеди и специјални едукатори.
Нашата советничка листа е спој на младост и искуство – луѓе кои носат нова енергија, но и зрелост и одговорност.
Целта е младиот човек да каже: „Можам да успеам овде, во Центар.“
Вашата програма предвидува сериозен дел посветен на социјалните политики. Кои се најважните мерки?
Ќе воспоставиме дневни центри и инклузивни клубови за деца со попречености, со стручни тимови и активности за нивна интеграција.
Ќе отвориме нови клубови за пензионери и ќе обезбедиме домашна нега за стари лица, за тие да добијат поддршка во сопствениот дом.
Ќе формираме фонд за лекување и поддршка на брачни парови со проблеми при зачнување (ИВФ), како и психолошки советувалишта достапни 24 часа.
Имаме вистински професионалци што си ја сакаат општината, ја познаваат секоја нејзина улица и знаат кои се вистинските проблеми. Тие луѓе ќе бидат гаранција дека ветеното ќе се реализира.
Социјалната грижа не е трошок, туку инвестиција во човечкоста на нашата заедница.Ќе посветиме посебно внимание на родовата еднаквост во сите општински политики и услуги. Ќе се формира Совет за родова рамноправност кој ќе ги следи и унапредува правата и потребите на жените, девојките и маргинализираните групи. Ќе се спроведуваат програми за економско зајакнување на жените, поддршка за самохрани мајки и заштита од семејно насилство.
Дополнително, ќе се обрне посебен фокус и грижа за женското здравје – преку субвенции за превентивни прегледи, едукација за репродуктивно здравје и поддршка за жени со хронични заболувања.
Транспарентноста и ефикасноста се важни за една општина. Како ќе го постигнете тоа?
Со платформата „Отворен Буџет“, секој граѓанин ќе може во секој момент да види каде оди секој денар од општината.
Ќе воведеме мобилна апликација „Моја Општина“, преку која ќе се пријавуваат проблеми и ќе се следи нивната решеност.
Ќе одржуваме месечни граѓански форуми по маала и „Денови на отворени врати“ со општинската администрација.
Ние не ветуваме решенија преку ноќ, но ветуваме дека ќе работиме напорно, чесно и посветено – секој ден, со една цел: да не ги разочараме граѓаните. Центар мора да биде пример за отчетност и интегритет во секое ниво на управување.
Господине Богески, која е вашата порака до граѓаните пред неделните избори?
ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 12 години е опозиција во Општина Центар. Тоа време го искористивме за да научиме, да се подобриме и да подготвиме вистински план за развој.
Денес имаме тим, имаме визија и имаме сила. Ова не е обична изборна трка – ова е избор за тоа дали ќе продолжиме со хаос или ќе изградиме Центар со ред, перспектива и човечко лице.
Клучот е во вас – во вашиот глас.
Затоа, на 19 октомври (недела), ве повикувам сите да излезете на гласање.
Да покажеме дека веруваме во подобро, во работа и резултати.
Со твојот човек. За твоето место. За твојата иднина.