Skip to main content

Андоновски: САД ги препознаа дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста како клучни области за соработка

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, како дел од македонската делегација учествуваше на Стратешкиот дијалог со САД, кој се одржа вчера во Стејт департментот во Вашингтон.

Андоновски истакна дека соработката со Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација е клучна и од особено големо значење.

„Драго ми е што нашиот стратешки партнер, САД, ги препозна дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста како едни од клучните компоненти на нашата соработка. Ние веќе соработуваме, имајќи предвид дека во рамките на Министерството за дигитална трансформација имаме експерт од САД, кој е одговорен за унапредување на нашата меѓусебна соработка“, рече Андоновски во изјава за ТВ Сител.

Министерот најави и меморандум со кој оваа соработка со САД во областа на сајбер-безбедноста дополнително ќе се унапреди, преку поддршка на владините институции.

„Освен што договараме сеопфатен меморандум за соработка помеѓу двете држави во овие две области, можам да кажам дека ќе продолжи и поддршката за владините институции, пред сè во изградбата на владиниот центар за одговор на сајбер-инциденти, неговото опремување со хардвер и софтвер, но и во заштитата на сите критични системи“, заклучи Андоновски.

Поврзани вести