
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изврши увид во реконструкцијата и реновирањето на новиот Центар за услуги во Делчево, кој се наоѓа на позната локација во центарот на градот. Министерството, рече тој, останува посветено да ги доближи електронските услуги до секој граѓанин, особено до оние кои немаат дигитални вештини или пристап до компјутери и интернет.
-Нашата цел е секој граѓанин да може лесно да пристапи до услугите на Порталот на Министерството за дигитална трансформација. Центарот во Делчево ќе биде место каде граѓаните ќе добијат поддршка и знаење како да пристапат до потребните услуги, изјави Андоновски.
Тој нагласи дека отворањето на Центарот се очекува во септември, а граѓаните ќе можат да користат сите услуги кои им се потребни, директно на едно место.
Во новиот Центар ќе бидат достапни повеќе од 300 услуги, меѓу кои уверение за државјанство, имотен лист, потврди за стаж од Пензискиот фонд, услуги од Агенцијата за вработување и други електронски услуги на државните институции.
-Во моментов, на Порталот се достапни 200 услуги, што претставува значителен раст во споредба со претходните услуги. Граѓаните покажуваат голем интерес за дигитализацијата на услугите, што е охрабрувачки за нас, додаде министерот.
Тој потенцира дека интересот за користење на Порталот значително се зголемил – од 1000 корисници месечно, сега бројката достигнува 7.400, што претставува зголемување за седум и пол пати. Министерот Андоновски посочи дека и покрај предизвиците како дигиталната писменост, обуката на институциите и нивната подготвеност за дигитализација, соработката со најголемите институции во државата резултира со значајни резултати.
Покрај Делчево, Министерството планира отворање на центри за услуги и во други градови, меѓу кои Свети Николе, Крушево и Неготино.
-Со Општина Делчево ќе работиме на популаризација на Порталот и услугите, за да се осигура дека граѓаните ќе имаат пристап до сите услуги кои им се потребни. Идејата за овој центар потекнува од иницијативата на советникот Иван (Гоцевски) во Советот на општината, кој апелираше дека Делчево мора да има ваков центар за услуги, заклучи Андоновски.