
Активирани стручни тимови за кризна интервенција и психосоцијална поддршка за семејствата на настраданите во Кочани
Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Меѓуопштинските центри за социјална работа во Кочани и Штип, веднаш презема мерки за поддршка на семејствата погодени од трагедијата што се случи рано утрово во кочанската дискотека.
Како одговор на оваа трагедија, на располагање се ставени стручни тимови за кризна интервенција, психосоцијална помош и поддршка за семејствата на починатите и повредените. Овие тимови, составени од психолози, социјални работници и стручни лица, се подготвени да обезбедат непосредна и долгорочна поддршка за сите кои се соочуваат со болката и последиците
Сите граѓани кои имаат потреба од психосоцијална помош можат да се обратат на следните дежурни телефонски броеви:
Кочани: 071/246 377
Штип: 076/475 050
Пробиштип: 077/615 910
Министерството останува посветено на обезбедувањето на соодветна поддршка за погодените семејства и заедницата. Во овој тежок момент, ги повикуваме сите засегнати лица да ја искористат достапната помош, а институциите, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор да продолжат со координирани напори за справување со последиците од оваа трагедија.
Изразуваме длабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите, со надеж дека повредените ќе закрепнат што е можно побрзо. Министерството ќе продолжи да следи ситуацијата и да презема соодветни мерки за поддршка.