
Овие избори се одлука дали ќе одиме напред или ќе се вратиме назад. Изборот е лесен, препознатлив, но и во такви моменти одлуката е многу важна – да се донесе и да се излезе да се гласа, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашиот митинг во „Јане Сандански“.
Сакам да се обратам до неопределените. Сосема разбирам дека секој од нас има очекувања. Вашите можеби се поголеми од тоа што реално можевме да исполниме овие 15 месеци централна власт. Но покажавме вредност, истрајност и посветеност да ги менуваме работите. Затекнавме распаднат систем, трули институции и напластени проблеми. Надежта не ја загубивме – заедно ја одржавме. Покажавме и резултати. Не паднавме, иако сакаа да нè видат клекнати; работевме за секој еден од вас. И затоа, сега сте ни потребни – не само нам, туку и на Македонија– бидејќи вие одлучувате за вашата иднина, и овој е тој момент. Овие избори се тој момент. Излезете и гласајте, гласајте за бројот 9.
Сакам да се обратам до оние кои се колебаат или не планираат да гласаат. Така им правите услуга на оние кои сакаат да живеат на грбот на татковината, кои ја сакаат Македонија поделена и разединета. Така директно се охрабруваат оние кои сакаат власт без борба на концепти и програма, кои сакаат повторно тендери и предавства. Затоа, одлучете мудро – излезете и гласајте. Излезете, затоа што ова не се само локални избори, туку тест на заедничката волја за тоа каква Македонија сакаме. Нашиот сон и нашата визија е нашата иднина, која сега ја градиме токму во овој момент. Дајте ни шанса и сила да ја изградиме Македонија каква што ја заслужува. Излезете и гласајте за бројот 9, објасни Мицкоски.
Се обраќам до чесниот народ оптоварен со секојдневни грижи и проблеми, со мака да се обезбедат средства за пристоен живот. Ве разбирам. Во оваа битка сме заедно, рамо до рамо, и го споделувам и живеам секој ваш проблем и мака. Не ветив чуда преку ноќ – но ветив работа и силна волја да успееме, и ви велам: ќе успееме. Затоа што сме тука да градиме иднина и има надеж – со пенкалото, вие одлучувате. Излезете, гласајте за бројот 9.
И токму таму се крие смислата на изборот – во местата каде што живееш; во маалото каде што растеш, љубиш, одгледуваш деца; плачеш и се надеваш; чекаш и се бориш. Твоето маало е повеќе од место. Тоа е твојата љубов и твојата борба. Твојот дом! Таму се твоите подеми и падови, првата симпатија, првиот предизвик. Таму учиш што значи да се биде човек.
Знаеме како изгледа вистинскиот живот – со предизвици и стравови; со денови полни со надеж и денови кога надежта едвај се држи. Но знаеме и нешто друго: дека вистинските промени доаѓаат со вистински луѓе – со вистински избори. Со луѓе што знаат дека не можат сè, но се подготвени да почнат – и да истраат, да се борат за народот на Македонија, додаде Мицкоски.
Со еден избор продолжуваш напред. Со друг – се враќаш назад. И кога ќе дојде денот на одлука, ќе стоиш со пенкалото во рака, пред ливчето – ќе знаеш дека одговорот го носиш во себе. Го носиш во срцето, во погледот, во душата. Во промената што веќе почна. Во најдоброто што допрва доаѓа.
Затоа, за себе, за твоите најблиски, за времето што доаѓа – направи го:
Вистинскиот избор!
Со твојот човек!
За твоето место!
За твојата иднина!
Ние сме таа генерација што нема да се повлече. А идните поколенија, кога ќе погледнат наназад, ќе речат: „Тие беа тие што веруваа, тие беа тие што победија.“
Нашата приказна не започнува денес
Таа е долг пат исполнет со борби, соништа и победи. Од генерација на генерација, низ векови на предизвици, народот наш знаел да застане исправен и да чекори напред. И денес, ние сме тие што ја продолжуваме таа вечна низа.
Ние сме должни на нашите предци, но и на нашите деца. Должни сме да покажеме дека знаеме да ја чуваме слободата, да ја градиме правдата и да ја следиме надежта. Оваа генерација нема право на предавство – оваа генерација има само една задача: победа!
И затоа, од ова место, со силата на нашите срца, ви велам:
Да се кренеме повисоко од сите пречки!
Да застанеме пообединето од сите поделби!
Да го избереме патот на иднината што ќе ја памети историјата!
Ова е времето на Македонија.
Да живее Македонија!
Да сте живи и здрави. Одиме на победа, заврши Мицкоски.