
Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје вечер од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе ја изведе претставата „Хинкеман“ од Ернст Толер во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.
Како што наведува театарот за претставата, Јуџин Хинкеман, воен ветеран кој се враќа дома физички и психички ранет, „ги симболизира многуте оние кои се напуштени од системот во оној момент кога повеќе не се потребни како работна сила“.
Претставата покажува колку длабоко вкоренетите предрасуди и стравот од непознатото создаваат култура на булинг и малтретирање, каде што општеството ги малтретира оние кои отстапуваат од нормата – без разлика дали поради физичкиот изглед, половите улоги или било која друга согледана различност … Текстот напишан во 1923 година се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество, вели режисерката Стојаноска.
„Хинкеман“ е копродукциски проект со фестивалот „Млад отворен театар“, со кој и се отвори минатогодишниот 49. МОТ во Скопје. Играат актерите Бобан Алексоски, Надица Петрова/Талија Настова, Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, музиката е на Лука Тошев.
В среда, 16 април, пак, на сцената од театарот „Битеф“ во Белград, ќе гостува претставата „Добри луѓе“ според текстот „Lungs“ на Данкан Мекмилан, во режија и адаптацијата на Тамара Стојаноска, во која играат актерите Тијана Трајчевска и Филип Христовски.
Гостувањето е во рамките на манифестацијата „Месец на независна сцена“ која се одржува секоја година во белградскиот театар „Битеф“.
Додрамата „Добри луѓе“ е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови во денешно време … ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество, соопшти Независниот театар „Златен Елец“.