Skip to main content

Заврши седмото издание на меѓународниот фестивал „Литера“

Богата програма исполнета со изложби, промоции на нови сликовници, работилници и трибини, го одбележа седмото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца Литера, кое оваа година мина во знакот на домашната авторска и илустраторска сцена.

Фестивалот, кој се одржал во автентичниот амбиент на Сули ан, почнал на 23 април со свечено отворање на поставката на доајенот на македонската графика, Орде Манески, како и изложбата на современите македонски авторки Софија Семенпеева Трајановска, Иванка НиБа и Анастасија Јованова.

Голема чест е што делото на татко ми, Орде Манески, е поставено пред новата публика на најубав можен начин – преку светот на детството, уметноста и приказните, изјавил неговиот син Томе Манески.

На вториот ден од фестивалот била промовирана новата сликовница „Сакам силно да ме гушнеш“ од авторката Катерина Димова со илустрација на Анастасија Јованова.

Најголемото богатство е кога низ зборови и слики успеваме да допреме до срцата на децата, рекла Катерина Димова за време на промоцијата.

Специјален гостин на Литера бил естонскиот автор Урмас Реинма, кој одржа креативна работилница за деца инспирирана од неговата сликовница, пренесувајќи ја магијата на литературата за најмладите.

Секое дете има бескраен свет во себе. Мојата задача е да му помогнам да го открие преку приказни и цртежи, изјавил Реинма, кој првпат гостувал во Македонија.

На последниот ден од фестивалот се одржала промоцијата на сликовницата „Црното маче“ од Неше Рамовиќ и Наталија Лукомска, во издание на „Светулка“.

Литера уште еднаш ја потврди својата мисија да ја поттикне љубопитноста, креативноста и љубовта кон литературата кај најмладите. Работилниците за деца, разговорите со авторите и изложбите придонесоа за создавање топла и инспиративна атмосфера, во чиј фокус беа уметноста и љубовта кон пишаниот збор.Ова седмо издание на Литера нѝ покажа дека кога вложуваме љубов, квалитет и посветеност во литературата за деца, добиваме публика која искрено чувствува и доживува. Благодарни сме на сите автори, илустратори, издавачки куќи и млади учесници што беа дел од фестивалот. Продолжуваме да градиме место каде што приказните оживуваат, истакнуваат организаторите на фестивалот.

Поврзани вести