Skip to main content

Заврши 20. „Македонско културно лето”: Јубилеј исполнет со уметност, заедништво и гордост

Фото: Едмонд Сотир/Фејсбук

Во срцето на Преспа, Албанија, дваесетти пат се одржа еден од најзначајните културни настани за македонската заедница надвор од татковината – фестивалот „Македонско културно лето”.  Оваа година фестивалот го одбележа својот голем јубилеј со богата програма, бројни уметнички настапи и историско присуство на високи претставници од македонската владата.

На покана на организаторот Едмонд Сотир, фестивалот првпат во својата историја беше посетен од тројца министри од македонската Влада: министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

-Нивното присуство, заедно со градоначалникот на Општина Пустец  Пали Колефски, додаде дополнителна тежина и признание за значењето на фестивалот и македонската заедница во Албанија. Фестивалската програма понуди разновидни културни содржини кои ги збогатија летните вечери во Пустец, вели Едмонд Сотир, директор на фестивалот.

Во петте фестивалски денови  посетителите уживаа во концертите на Драган и Ратко Даутовски, како и на Ансамблот „Илинден“, кои ја претставија македонската музичка традиција во нејзината полна убавина.  Театарската уметност беше претставена преку претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на Битолскиот театар, како и со комичната изведба „Вечера за глупаци“ на Театар Џинот од Велес. 

-Публиката беше воодушевена и од концертот на Сашко Костов и Орхидеја Дуковска, како и од детската претстава „Рибарот и златната рипка“, која ги насмеа и најмладите. Изложбата Охрид низ фотографии, преку објективот ја донесе магијата на македонскиот бисер на Преспанските брегови, нагласува тој.

Фестивалот „Македонско културно лето“ е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Општина Пустец, потпомогнат од општините, Битола, Охрид, Велес и град Скопје.

– Фестивалот претставува симбол на нераскинливата врска меѓу Македонија и македонската заедница во Албанија. Овој јубилеен фестивал не само што го зацврсти културниот идентитет, туку и ја покажа силата на културата како мост меѓу државите, заедниците и генерациите, оценува Едмонд Сотир.

Според него, по дваесет години посветена работа и раст, „Македонско културно лето“ останува светилник на македонската култура надвор од границите – со поглед вперен кон иднината и уште многу години уметност, гордост и заедништво.

-Големината на еден народ се мери не по бројноста на народот, туку по тоа колку се грижиме за сопствената култура, рече Едмонд Сотир.

Поврзани вести