Skip to main content

Второ издание на студентскиот филмски фестивал „Хај-фај“

Плакат ФДУ

Студентите од Факултетот за драмски уметности при УКИМ од денеска до недела (1 јуни) го организираат второто издание на студентскиот филмски фестивал „Хај-фај“ – меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти.

Како што соопшти ФДУ, програмата ќе почне на Академска сцена со „Meet the new kids“, настан посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од Факултетот за драмски уметности.

Фестивалот ќе биде официјално отворен со кино на отворено – проекција на филмот „Хај-фај“ во режија на Владимир Блажевски, на паркингот помеѓу ФДУ и Машинскиот факултет/ФЕИТ. Официјалната филмска програма викендов ќе се одржува на Академска сцена.

Ќе бидат прикажани седум студентски кратки филмови, од кои два македонски и останатите на студенти од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. По проекциите ќе следува разговор со авторите и македонскиот писател и филмски критичар Златко Ѓелески.

Годинава ќе бидат доделени две награди – една од жири комисија (Сашко Потер Мицевски, Радован Петровиќ и Сашо Кокаланов) и една од Фестивалот на европски филм – „Синедејс“ (селекција на победник кој ќе влезе во селекцијата на Синедејс 2025).

Во склоп на едукативната програма на „Хај-фај“ ќе има две предавања – „Casting101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска, што на студентите ќе им овозможи да се запознаат со кастинг процесот, и предавање „Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески.

-За крај, закажана е и музичка ОФФ-програма каде ќе настапи триото TURBO XXX CLUB во петок и Александар Гроздановски – HERZEL во сабота. Музичката програма ќе се случи во бифето на Факултетот за драмски уметности. Влезот за сите настани е слободен. Целосната програма и распоред се достапни на социјалните мрежи на Хај-фај и Академска сцена, соопшти ФДУ.

Фестивалот е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултетот за драмски уметности, Младински културен центар – Скопје, Кинотека на Македонија, Машински факултет и ФЕИТ.