Еден од најзначајните и најрепрезентативни објекти од старата градска архитектура, Куќата на Робевци, и еден од најпосетените музејски комплекси во Охридско, Музејот на вода „Заливот на коските“, ќе бидат реконструирани и ќе добијат нов лик до почетокот на оваа летната сезона. Со средства обезбедени од Охридскиот завод и музеј и ресорното Министерство за култура во тек се обемни зафати за реставрација на Куќата на Робевци во Охрид, а како што велат надлежните ова е еден од појголемите проекти за кој досега се издвоени три милиони денари.
Се работи на воведување на нов систем за греење и ладење во објектот и замена на постојната дограма на прозорци на јужната фасада, како и реновирање на предната јужна фасада, посочува Горан Патчев, директор на Заводот и Музеј Охрид.
Дел од овој објект е и познатата „Златна соба“, каде што се чуваат богатите артефакти, златото на Лихнитида, па според Патчев, во куќата на Робевци се работи на поголемо обезбедување, односно се поставува и нов алармен систем и видеонадзор. Во рамките на поставката се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од период подолг од 25 века.
Поголеми интервенции ќе има во Заливот на коските. Целата палафитна населба ќе се реставрира. Ќе се става нов систем за наводнување, ќе се врши хортикултурно уредување, а ќе се работи и на водоснабдителен систем… со сезоната, поточно до јуни да биде сè подготвено. Во моментот се подготвува тендерска документација и се објавуваат тендери“, додава Патчев.