Skip to main content

Во прилепскиот театар се подготвуваат претставите „Црнила“ и „Ловец во р’жта“

ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп / Подготовки за претставата „Црнила“ во режија на Дејан Пројковски

Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во тек се подготовките на две нови претстави. Ансамблот интензивно работи на подготовките на претставата „Црнила“ од Коле Чашуиве во режија на Дејан Пројковски.

Претставата „Црнила“ ќе го истражува моралниот пад на човекот, братоубиствотои предавството вомакедонската револуционерна борба. Централниот настан е убиството на македонскиот револуционер Ѓорче Петров од неговите соработници во 1921 година во Софија. Претставата ќе се занимава со трагедијата на македонското самоуништување и мрачните страници од националната историја, со ликови кои се морални престапници и кои работат против својот народ, вели режисерот Пројковски

Во претставата играат Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиески, Илија Волчески, Александар Тодески, Бобан Алексоски, Кетрина Чакмакоска-Клинческа, Сара Спиркоска и Михајло Миленкоски.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Марија Папулеска, а музиката е на Горан Трајковски. Премиерата на „Црнила“ се најавува кон средината на ноември.

Паралелно, во прилепскиот театар во тек се подготовките за уште една премиера. Тоа е претставата „Ловец во р’жта“, според романот на Д.Џ. Селинџер, а во режија на Мартин Кочовски.

„Ловец во р’жта“ ќе претставува една кратка историја на подемот и падот на индивидуата, од средината на минатиот век до денес, сосубјективна визија за судбината на индивидуата во блиска иднина. На површина се и болестите на современото општество: изолираноста на индивидуата, оттуѓувањето по секоја основа, класната поделба, вели режисерот Кочовски.

Драматизацијата е на Лидија М. Ѓорѓиовска, за сценографијата е задолжен Филип Јованоски, за костимите Јулијана Војкова, а за музиката Пеце Трајковски – Брада. Во претставата играат: Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачанска, Ангела Наумоска, Марија Спиркоска Илиеска, Катерина Чакмакоска Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски и гостите Здравко Стојмиров и Теона Крстеска.

Премиерата на „Ловец во р’жта“ е планирана за декември.

Поврзани вести