Skip to main content

„Внатрешниот филм“: Вечер за Горан Стефановски во Битола

Минатиот четврток, во неделата на 46. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, книжевниот клуб UTOPIA во Битола беше домаќин на специјален културен настан посветен на животот и делото на драматургот Горан Стефановски. Под наслов „Внатрешниот филм“, вечерта ги спои филмот, зборот и меморијата – создавајќи интимно патување низ темите што го обележаа неговиот опус. Фокусот на вечерта беше документарниот филм „Траги“ на авторките Розе Симоновска и Леа Димитрова, кои беа присутни и лично зборуваа за процесот на создавање, за одговорноста да се пренесе една ваква биографија и за одлуката приказната да се раскаже преку емоции наместо преку класична хронологија. Со времетраење од 103 минути, филмот ја надмина биографската форма и понуди поетски пристап кон ликот и делото на Стефановски. Особена тежина на настанот му даде присуството на Игор Стефановски, синот на Горан, кој за прв пат ја посети Битола и сподели лични сеќавања за татко си, неговото детство и корените врзани за градот. Во официјалниот дел, кој го модерираше Јасмина Атанасовска, писателка која го води книжевниот клуб UTOPIA, зборуваа и актерите Маја Андоновска Илијевски и Борис Чоревски, кои читаа извадоци од драмите на Горан. Настанот го збогати и присуството на Љупчо Ѓоргиевски, режисер од БНТ, кој зборуваше за четирите театарски претстави што ги поставил според драмите на Горан Стефановски. Вечерта заврши со дружење и музика, кога Марко Трајков приреди специјален сет составен од музиката на Леб и сол, за која Стефановски напиша своите текстови и од омилените плејлисти со песни на The Beatles, создавајќи мост меѓу неговиот збор и музиката потврдувајќи ја идејата дека делото на Горан Стефановски никогаш не завршува, туку продолжува да живее во мислата на секој што ќе се соочи со неговиот збор. фотограф | Сашо Стојановски

Поврзани вести