
Праизведба на претставата „Варвари“ од Максим Горки во режија на Владимир Милчин ќе се случи вечерва во 20 часот во Македонскиот народен театар. Следната изведба е закажана за утревечер во истиот термин. Импресивна актерска екипа ќе се појави вечерва на сцената:
Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов. Голем дел од актерската екипа се поранешни студенти на Милчин, што му дава на проектот дополнителна уметничка димензија.

„Варвари“ првпат се поставува на театарска сцена во Македонија. Напишана во 1906 година, драмата на Горки се занимава со длабоки социјални и морални конфликти на почетокот на 20 век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок. Главните ликови, интелектуалци, инженери, работници и обични луѓе, се поставени пред морални дилеми што ги откриваат нивните најдлабоки човечки слабости и противречности. Како автор, Максим Горки останува извонредно современ и во 21 век. Неговите дела, меѓу кои и „Варвари“, се остра критика на лажната цивилизација и моралната корупција што ги носи капитализмот.

Земајќи предвид дека драмата била забранета да се изведува дури и во Русија, матичната земја на Горки, па затоа нè е ни чудно што за првпат се изведува во Македонија – рече Милчин на вчерашната прес-конференција.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски вели дека во годината кога МНТ одбележува 80 години од постоењето, за првпат во историјата на македонскиот театар, „Варвари“ ќе оживее токму на оваа сцена.
И уште повеќе, благодарен што професорот Милчин го стави својот режисерки печат токму на оваа претстава. Благодарен сум на актерите кои безрезервно се дадоа во процесот на подготовките кои со целиот тим успеаја да го материјализираат овој театарски подвиг – вели Кимовски.
Креативниот тим на претставата го сочинуваат: сценограф – Беди Ибрахим; костимограф – Марија Пупучевска; преводот на текстот го направија Ема Марковска Милчин и Владимир Милчин; асистент на режисерот е Шенај Мандак; асистенти на сценографот се Бојана Исијанин и Мартин Манев; асистент на костимографот е Ангела Богеска; изборот на музиката е на Владимир Милчин; извршни продуценти се Виктор Рубен и Симона Угриновска. По премиерата вечерва следи коктел и забава со диџеј Шурбе.

Македонски








