Skip to main content
Tрибина „ Статусот на македонскиот јазик – состојби и перспективи “.

Уназадува статусот на македонскиот јазик во јавната употреба, потребна имплементација на новиот Закон и на Инспекторатот

Не се запазува употребата на стандардниот македонски јазик во јавниот простор. Примери за тоа има во преводната литература , а особено во емисиите од забавен карактер во медиумите. Ова е ставот на претставници од Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ и на Советот за македонски јазик, искажан на трибината „ Статусот на македонскиот јазик – состојби и перспективи “.

Иако можеби во информативните редакции, документарните и т.н. се внимава повеќе на употребата на стандардниот јазик, за емисиите од забавен карактер може да кажеме дека воопшто не се внимава, вели Симона Груевска- Маџоска, претседател на Советот за македонски јазик.

Академик Витомир Митевски смета дека статусот на македонскиот јазик во јавна употреба , каде што многупати гледаме примери, како се става на втор план, па дури и се игнорира на некои јавни простори, што секако не загрижува, вели академик Витомир Митевски.

Во Македонија се забележени 56 говори или дијалекти кои се наше богатство. Од Меѓународниот комитет на слависти тие се многу ценети поради богатството и разновидноста. Може да се употребат во литературата, но не и во јавниот говор, велат од МАНУ.

Во јавната комуникација , особено во политичкиот дискурс апсолутно мора да биде тоа повисоко ниво, односно да биде употребен стандардот, вели дијалектологот, академик Марјан Марковиќ.

Долгогодишното отстапување од стандардната јазична норма во јавниот говор беше причина за донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик, лани во јануари. Тој предвидува вработување лектори. А, во тек е конкурс за избор на директор на Инспекторатот, кој има функција да ги санкционира отстапувањата од стандардниот јазик во институциите, органите на управата и во медиумите.

Тој Инспекторат има надлежност да спроведува инспекциски надзор и да казнува, како што е предвидено и според законот, вели Груевска- Маџоска од Советот за македонски јазик.

А, перспективите на македонскиот јазик се јасни. Тој не е загрозен се додека постојат говорители што го употребуваат, дополнуваат од МАНУ.

Поврзани вести