Skip to main content

„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е Роман на годината за 2025

Република

Романот „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска во издание на „Арс Либрис“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2025 година која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности, „Славко Јаневски“.

Сакам да се заблагодарам и на сите претходници во македонската книжевност со коишто искрено се занимавам со децении наназад. Претходници коишто сакам да ги ревалоризираме, да останат незаборавени и да останат трајно впишани во нашата национална книжевност. Сакав нивните зборови да се тркалаат како џамлии во нашите реченици од другите генерации. Сакав и постојано ќе продолжам така да мислам дека нашите книжевни писма всушност треба да ги прпелкаме во книжевните писма на нашите претходници како во некој шеќер во прав. Ова што ја добивам денеска наградата, ја доживувам како некое возвраќање точно и на претходниците во име на Славко Јаневски и од современиците во име на почитуваните автори коишто беа членови на жири-комисијата. Така сакам да се доживувам, дека ми возвраќаат за сета грижа и почит и внимание што им го укажувам на едните и на другите низ децении, кажа Ќорвезироска откако денеска во Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) беше соопштен добитникот на наградата.

Ќорвезироска кажа дека не знае како би било и дали нешто би се променило доколку наградата ја добиела порано, можеби на 35, на 40, на 50 години.

Не знам дали би пишувала подобро или полошо ако ја добиев оваа награда порано. Инаку, ’99-тата година јас бев присутна овде кога се додели првпат наградата ’Роман на годината’ и мислев дека тоа е нешто што секогаш ќе може да им се случува на другите, а не мене. Би сакала да им порачам на младите писатели коишто допрва почнуваат да се занимаваат со оваа работа, да стават акцент на читањето и тој акцент да го чуваат трајно – значи на читањето, не на пишувањето. Затоа што ако сакаме да раскажеме нешта и прикаски што не се случиле никогаш, а тие да бидат поубедливи и повистински од тие што можеби некогаш се случиле, тоа можеме да го направиме исклучиво со нечитање, а не пак со читање… читањето е нешто што мора да биде основа на нашата работа, рече Ќорвезироска.

Во конкуренција за оваа престижна книжевна награда која во земјава годинава се доделува по 27 пат, беа 46 романи, а одлуката со мнозинско тајно гласање за нејзиното доделување ја донесе жири комисијата по пет состаноци, која ја сочинуваа: Калина Малеска (писателка и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“).

фото: Република

Во најтесниот избор за наградата , годинава влегоа и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).

„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни од кои е составен романот има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни започнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева, преку потрагата по стан на Марија Зара, до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска Солев. Потоа, преку ретроспектива, сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот“, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито.

Романот-басма „Три Марии“ е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Исто така, на корицата на романот е употребен детаљ од сликата „Бош“ од Славко Јаневски, а дизајнот е дело на Марко Трпески.

Романот содржи три самостојни приказни за три различни жени, кои носат исто име – Марија, и кои сакаат да го напуштат моменталниот живот поради грешна љубов. Своја или туѓа. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла… како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај. Фолклористичките обичаи, верувањата и суеверијата, црните судбини, фатуми и карасевди се мотиви што во извесна смисла го „оправдуваат“ поднасловот роман-басма.

Покрај „Роман на годината“, Ќорвезироска за „Три Марии“ ги доби и: наградата „Стале Попов“ и „Рациновото признание“, со што стана првиот македонски писател што ги добил овие три престижни признанија за едно исто дело / Фото: Република

Покрај „Роман на годината“, Ќорвезироска за „Три Марии“ ги доби и: наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобро прозно дело за 2025 година, како и „Рациновото признание“, со што стана првиот македонски писател што ги добил овие три престижни признанија за едно исто дело.

Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, а нејзин генерален покровител веќе деветта година е Комерцијална банка АД, Скопје, која и оваа година обезбеди финансиска поддршка од 360.000 денари, од кои 150.000 денари се парична награда за лауреатот, а останатиот дел е наменет за паричен надоместок за членовите на жири-комисијата, за плакета и оригинална статуетка.

Оливера Ќорвезироска (1965, Куманово) живее и работи во Скопје како уредник. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Оливера Ќорвезироска е член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН –центар.

Годинава свеченото врачување на наградата за романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска ќе се одржи во средината на мај.

Поврзани вести