
Денеска, во Старата чаршија во Скопје, официјално започна првото издание на Интернационалниот фестивал на музика „Чаршија“, иницијатива на Општина Чаир чија цел е да прерасне во годишна традиција и да стане една од најзначајните културни манифестации во градот.
На прес-конференцијата, организаторите ги претставија визијата и значењето на овој фестивал за културниот живот на Скопје. На настанот учествуваа министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани; градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити; уметничките директорки на фестивалот Инва Мула и Дешира Ахмети Крлиу; претседателката на Комисијата за култура, Сарана Имери Стафаи; директорот на фестивалот, Авни Ќаили; директорот на Албанскиот театар, Исмет Рамадани и директорот на КИЦ, Имер Реџепи.
Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, го поздрави организирањето на Фестивалот „Чаршија“, истакнувајќи ја важноста на поддршката на иницијативите што ги промовираат уметниците, културата и културното наследство. Тој оцени дека овој фестивал носи нова димензија во културниот живот на Чаир и Скопје, поврзувајќи го богатото наследство на Старата чаршија со современото творештво и придонесувајќи за развојот на културниот туризам.
„Како министер за култура и туризам, ќе ја поддржувам секоја иницијатива која ги промовира уметниците, ја збогатува културната понуда и придонесува за развојот на културниот туризам“, изјави Сулејмани.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека Интернационалниот фестивал на музика „Чаршија“ произлезе од уверувањето дека културата е еден од темелите врз кои се гради идентитетот на едно место. Тој посочи дека целта на Општината е овој фестивал да се развива низ годините и да прерасне во значајна културна манифестација за Скопје и регионот.
По прес-конференцијата, присутните ги посетија просториите на Куршумли ан и Сули ан, каде што ќе се одржат фестивалските вечери. Овие историски простори, кои низ вековите биле место на средба на различни култури и традиции, во текот на четири вечери ќе пречекаат познати уметници од земјава и од светот.
Публиката ќе има можност да проследи богата уметничка програма со класична музика, опера, фламенко и корчански серенади, создавајќи уникатно културно доживување во срцето на Старата чаршија.
Интернационалниот фестивал на музика „Чаршија“ претставува почеток на една нова културна традиција за Чаир и Скопје, со амбиција да прерасне во една од најзначајните уметнички и културни манифестации во градот.

Македонски


