
Со премиера на „Мокументари“ во кореографија на Адријана Данчевска-Ровчанин и „Ехо на баронот“ во кореографија на Дејан Митровски на 22 април во Националната опера и балет (НОБ) се отвораат „Денови на македонски кореографии“ кои ќе траат до 25 април. Претставите се во продукција на Скопје танцов театар, соопштија на денешната прес-конференција менаџерот на Операта и балетот Киро Павлов и уметничката раководителка на Балетот Марија Кичевска – Шокаровска.
„Денови на македонски кореографии“ се одржуваат првпат и со овој настан се одбележуваат 20 години од отворањето на Малата сцена на Опера и балет. Ќе има пет претстави и една изложба, изјави Кичевска – Шокаровска.
Саша Евтимова, кореографка и балетски солист е организаторка на Деновите на македонски кореографи.
Отсекогаш ми беше сон во една вечер да се соберат современи македонски кореографи, а Малата сцена е платформа која дава еден креативен поход каде може креативно да се изразат. Овој настан е значаен и за младите кореографи кои се развиваат и им треба простор, а нормално и на етаблираните кореографи, како Рисима Рисимкин, Искра Шукарова, Олга Панго, Игор Киров. Моите почетоци како кореограф се на Малата сцена во 2006. Само малата сцена може да биде платформа за нови, млади, креативни сили кои сакаат да се изразат или во копродукција со НОБ или независни продукции“, рече Евтимова на денешната прес-конференција.
Менаџерот на Операта и Балетот, Киро Павлов рече дека после повеќегодишно нефункционирање на Малата сцена, ја отвораат за соработка не само за балетските уметници од НОБ, туку и како простор за креација на уметници од балетските академии.
На 23 април на Денови на македонските кореографии ќе има изложба на фотографии „Вечни тела“, концепт на кореографката и професорка Искра Шукарова во фоајето на Опера и балет, и „Болеро“ на кореографката и солистка Саша Евтимова – одбележување на 150 години од раѓањето на Морис Равел, на 24 април е премиера на „Д како Дездемона“ на кореографката и професорка Рисима Рисимкин, а манифестацијата ќе заврши на 25 април со изведбата на „Патување“ на кореографот Џан Арслан од Турција. Сите претстави почнуваат во 20 часот.