
Со особена топлина, длабока почит и чувство на искрена гордост, во инспиративниот амбиент на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, беше организирана и одржана трибина насловена како: „Стратешките цели и развој на културната дипломатија – улогата на културно-информативните центри“, а како дел од значајниот јубилеј 20 години постоење и посветено културно дејствување.
Овој настан не само што го одбележа времето, туку создаде нова енергија и визија за културната соработка во регионот и пошироко.
Трибината, одржана во просториите на Македонскиот КИЦ во Софија, не беше само формален настан, туку таа беше вистински жив дијалог на културните визии, место каде што стратегиите на културната дипломатија се преточија во конкретни идеи, искуства и планови. Присуството на директорите на македонските културно-информативни центри од четири европски метрополи- г-ѓа Мими Ѓоргоска – Илиевска (КИЦ Загреб), г-дин Васко Шутаров (КИЦ Белград), г-дин Диме Ратајкоски (КИЦ Истанбул) и домаќинот, г-дин Зоран Пејковски (КИЦ Софија) – ѝ дадоа на оваа трибина меѓурегионално значење. Нивното учество беше од огромна важност, зашто тие не се само институционални претставници, туку и носители на живи приказни, мостови меѓу култури, и чувари на идентитетот во меѓународен контекст.
Секоја нивна мисла, секое споделено искуство и секоја визија беа вплетени со емоција, посветеност и убедување дека културата е најмоќното средство за зближување. Како што беше истакнато на трибината, Македонскиот КИЦ во Софија, со две децении континуирана работа не само што претставува точка на културна размена, туку тој е симбол на пријателство, постојаност и разбирање меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Успехот на македонските културно-информативни центри е резултат на континуираната и стратешка поддршка од институциите на државата. Визијата и заложбите на Владата на Република Македонија, заедно со посветената соработка од Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, создаваат стабилна основа за нивно дејствување. Благодарение на оваа системска поддршка, центрите се етаблираат како значајни, динамични и влијателни носители на македонската култура на меѓународната сцена.
Настанот го збогати и присуството на Н.Е. амбасадорката на Република Македонија во Бугарија, г-ѓа Агнеза Руси – Поповска, која со особена дипломатска прецизност и емоција истакна: „Овој настан го поттикнува она што секоја држава треба да го негува – културната дипломатија како мост меѓу народите. Присуството на директорите од четири европски градови ја потврдува моќта на меѓународната соработка, додека државната поддршка ѝ дава неопходна институционална тежина“.
Во текот на трибината отворени беа значајни прашања за стратешките приоритети на македонските културни институции во странство, потребата од посилна регионална интеграција, унапредување на меѓукултурниот дијалог, како и начини за поголема афирмација на македонската култура и уметност на глобално ниво. Јасна беше и пораката: културната дипломатија не познава граници – таа создава мостови каде што другите гледаат ѕидови.
Посебно значење доби и вклучувањето на останатите македонски културно-информативни центри, кои во изминатите години се наметнуваат како вистински стратешки јадра на културното претставување на Македонија во странство:
–КИЦ Загреб, под раководство на г-ѓа Мими Ѓоргоска – Илиевска, со својата интензивна и континуирана работа, претставува важен културен глас на Македонија во Хрватска. Преку книжевни вечери, изложби, музички и филмски програми, овој Центар успева да изгради длабоки врски со хрватската културна јавност, зближувајќи ги двата народа преку уметноста и културата, така што нејзиниот ангажман и блискоста со заедницата даваат јасен сигнал за плодна и динамична соработка.
–КИЦ Белград, предводен од г-дин Васко Шутаров, е најновиот член во семејството на македонски културно-информативни центри, игра значајна улога во промоцијата на македонската култура и на културна дипломатија, каде се реализираат проекти со долгорочно значење, особено во полето на културниот дијалог помеѓу Македонија и Србија.
–КИЦ Истанбул, под водство на г-дин Диме Ратајкоски, е мост меѓу Македонија и Турција, две земји поврзани со богата заедничка историја и традиција. Центарот со особен сензибилитет ги промовира вредностите на македонската културна и духовна ризница, притоа градејќи културни мостови со современата турска уметничка сцена. Со своето искуство и професионален пристап, претставува пример за тоа како културната размена може да прерасне во искрено пријателство.
Сите овие центри, и секој од нив посебно, не се само институции – тие се живи организми што пулсираат со љубов кон културата и длабока почит кон различностите. Тие ја носат Македонија со себе, ја претставуваат, ја слават, ја отвораат кон светот, не со политика, туку со поезија, со музика, со филм, со книги, со гласот на уметниците.
Во завршниот дел на трибината, збор добија и посетителите, кои со особена емоција го споделија својот впечаток за работата на Македонскиот КИЦ во Софија, истакнувајќи ја неговата посветеност, континуитет и искреност во мисијата за градење на културни мостови. Нивните зборови беа најдобриот доказ дека Центарот оставил трага, не само во институциите, туку и во срцата на луѓето.
По повод јубилејот, директорот Зоран Пејковски им додели признанија и благодарници на колегите-директори, со што уште еднаш беше потврдено дека културната дипломатија не е индивидуален напор, туку заедничка мисија. Таа бара синергија, заемна поддршка и визија што ги надминува границите.
Од своето основање во 2005 година, КИЦ Софија е непрекинат промотор намакедонската култура, организирајќи стотици изложби, концерти, книжевни вечери, филмски проекции и јазични програми. Тој претставува светилник на културата, отворен прозорец кон светот, и достоинствен претставник на културната душа на Македонија.
Овој настан, организиран со љубов, визија и гордост, постави нови темели за иднината – темели врз кои културната дипломатија ќе продолжи да расте, да се развива и да обединува.
Главниот заклучок беше јасен и едногласен: Културната дипломатија е најмоќната алатка за градење доверба, разбирање и пријателство. Преку културно-информативните центри, таа стратегија добива глас, форма и душа.
И токму затоа, од Софија, од Загреб, од Белград, од Истанбул, и од срцата на сите оние што веруваат во културата – одекна пораката: Македонија зборува со јазикот на културата, уметноста и човековото достоинство. И затоа, се слуша, јасно, гласно и со љубов.