Skip to main content

Роза Бојанова (Бугарија) и Ристо Василевски (Македонија) – лауреати на јубилејниот „Книжевен жезол“ на ДПМ

Друштвото на писателите на Македонија информира дека лауреати на наградата „Книжевен жезол“ за 2026-та, годината во која ова меѓународно признание одбележува јубилеј – три децении постоење, и кое Друштвото го доделува за поетски опус на еден домашен и на еден странски автор, се реномираната бугарска поетеса Роза Бојанова и македонскиот поет акад. Ристо Василевски.

Роза Бојанова има свој посебен поетски код по кој е препознатлива. Специфично за нејзината поетика е употребата на стилски експресивни средства, особено алегории и метафори. Авторката гради сложени поетски слики, во кои се комбинираат мноштво визуелни, аудитивни и тактилни претстави, преку кои се реализира лирското јас. Поетскиот стил се карактеризира со интелектуална густина, со егзистенцијална тензија и со симболичност, а емоцијата не е директно исповедана, туку посредувана преку концепти, метафори и структурни спротивности. Тоа се песни што влегуваат во конфликт со нашето брзање, поради кое не можеме да ги видиме најсуштинските нешта во животот. Така, тоа се песни што пробиваат и удираат во нерв, принудувајќи нè да се соочиме со материјата и да сфатиме дека таа е во суштина време.

Роза Бојанова е родена на 06.03.1953 година во селото Раброво, Видинско, во Бугарија. Дипломирала бугарска филологија на Шуменскиот универзитет „Константин Преславски“ во 1976 година. Работи во областа на културата. Предавала креативно пишување на Бугарскиот независен Универзитет. Има објавено над 40 книги за деца напишани од нејзините дипломирани студенти од Шумен и Бургас, како и самостојни книги од возрасни уметници, учесници во литературното студио. Составувач и уредничка на антологии и зборници објавени во Бугарија и во странство. Учествувала на Струшките вечери на поезијата во Струга. Член е на Словенската литературна и уметничка академија во Варна и на Меѓународната литературна академија „ОРИЕНТ–ОКЦИДЕНТ“ во Букурешт. Добитничка е на национални и на меѓународни книжевни награди, меѓу кои: националната награда „Владимир Башев“, националната награда за лирика „Иван Пејчев“, македонската книжевна награда „Дедал“, меѓународната поетска награда „Неказано“ во Бар, Црна Гора, меѓународната награда за поезија „Ацо Караманов“ во 2025 година во Радовиш, како и на наградата „Златен Пегаз“ за животно дело. Таа е почесен граѓанин на Бургас.

Творештвото на академик Ристо Василевски се одликува со сложен, слоевит и концепциски прецизен поетски израз, во кое преовладува силна мисловност и рефлексивност. Неговата поезија се развива низ постојано продлабочување – од пообемни, наративно отворени песни, кон згуснат прочистен и економичен израз. Во основата на неговото творештво стои стремежот кон создавање цврста песна што може да му спротивстави на егзистенцијалниот немир, историските потреси и духовната несигурност на современиот свет.

Клучна особеност на Василевски е балансирањето меѓу личното и колективното искуство. Неговите песни често ја допираат границата меѓу интимното и историското, при што колективните трауми, општествените кризи и балканските искуства се преточени во лирски јазик што ја задржува уметничката автентичност.  Паралелно со оваа линија, во неговото творештво се развива и една посуптилна поетика, насочена кон суштинските прашања на постоењето, јазикот и самата поезија. Во тие песни доаѓа до израз неговото чувство за форма, каде што поетскиот минимализам создава силни симболички и филозофски значења. Особено значајна е темата на духовноста и „храмот“ како културен и егзистенцијален простор, но и роднокрајниот напев кој е проткаен со впечатлива лиричност.

Покрај поетското творештво, акад. Василевски има значајна улога како преведувач и културен посредник меѓу македонската и српската книжевност. Поетското творештво на Ристо Василевски брои повеќе од дваесет и две поетски книги, антологии, две книги поезија за деца и два романа за деца во стихови. Има објавено повеќе од дваесет книги со избор од неговата поезија, која е препеана на над триесет светски јазици. Самиот акад. Василевски, со бројните преводи и препеви на дела од македонски автори од ХХ век, со составените антологии и со долгогодишниот ангажман во книжевниот живот, помеѓу другото, како директор на меѓународниот фестивал „Смедеревска поетска есен“, и како сопственик и главен и одговорен уредник на ИК „Арка“, придонесува за зближување и афирмација на литературните средини во регионот. Токму оваа двојна творечка и културна активност, заедно со високите естетски дострели на неговата поезија, за која е добитник на голем број меѓународни награди и признанија, го потврдуваат акад. Ристо Василевски како значајна фигура во современата македонска литература и достоен добитник на наградата „Книжевен жезол“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ е мост што три децении ја претставува и ја афирмира македонската поезија во нашата земја и во светот, и воедно доближува до македонската книжевна и културна јавност некои од најафирмираните поетски гласови на меѓународно ниво. Наградата е основана во 1996 г. во време кога претседателка на ДПМ била Светлана Христова-Јоциќ, а нејзини први лауреати биле францускиот поет и критичар Жак Гошрон и нашиот поет и препејувач Матеја Матевски. Оттогаш, добитници на наградата се триесетина македонски поети, но исто така и поети од голем број земји од Европа и од светот. Наградата „Книжевен жезол“ се состои од статуетка и од плакета, кои оваа година ќе им бидат врачени на лауреатите на свечена церемонија што ќе се одржи на 20 јуни 2026 г. во Друштвото на писателите на Македонија. На свеченоста ќе бидат одржани и беседи за добитниците на „Книжевен жезол“, а ќе бидат интерпретирани и нивни стихови.

Поврзани вести