Заврши проектот за конзервација и реставрација на Споменикот на слободата во Општина Кочани. Во делот на овој проект, Aмбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство има обезбедено грант од 245 илјада долари. Носител на грантот е Општина Кочани, а во делот на стручниот надзор, професионалните работи ги вршел Завод и заштита на спомениците на културата и Музејот од Штип.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање денеска за време на посетата на споменикот, посочи дека од 2001 година до денес, од Амбасадорскиот фонд се вложени околу два милипони евра.
Станува збор за значаен споменик овде на Истокот, кој што е огромно архитектонско и уметничко дело на авторите Григор Чемерски и Радоован Раѓеновиќ Драго ми е што имаме одлично пријателство со САД, кои се наши стратешки партнери и во делот на политиката и во делот на економијата, но наши блиски партнери се и во делот на културата, рече Љутков.
Тој изрази благодарност до Амбасадата на САД за поддршката во делот на зачувување на културното наследство.
Американската амбасадорка Анџела Агелер, која денеска беше во посета на Споменикот на слободата, подвлече дека е задоволство да се даде поддршка на реставрација на спомениците кои се дел од културното наследство на државата.
Чест е да се биде тука во посета на исклучителниот Споменик на слободата во Кочани и да се види делото на уметниците Чемерски и Раѓеновиќ. Станува збор за моќен споменик кој говори за историјата на оваа држава, за уметноста и за тоа како треба да се вреднува културната традиција. Голем дел од нашите проекти се наменети за античките споменици, како Стоби, Хераклеа, но некои се и за помодерни споменици од поново време како што е споменикот во Кочани, рече Агелер.
Таа додаде дека со оваа посета на Споменикот одаваат почит на македонските уметници кои се заслужни за ова дело, како и за оние кои го реставрираа.
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов рече дека сите имаме обврска да се грижиме добро за ова културно наследство, затоа што зборува за историјата на македонскиот народ. Додаде дека Споменикот е влезен во регистарот на споменици на културата заштитени со Закон.
Времето во кое е граден овој споменик и амбициите со кои е пристапено на еден музеј од 330 метри квадратни и кој е сериозен уметнички потфат е сериозен предизвик, особено за времето во кое е започната градбата. Имаме обврска да го чуваме и за идните генерации и за идните времиња, рече градоначалникот на Кочани.