
НУЦК „Марко Цепенков“ - Прилеп
Промоцијата на првиот број за 2025 година на списанието за литература, култура и уметност „Стремеж“ ќе се одржи на 4 октомври, сабота во 19 часот во Центгарот за култура „Марко Цепенков“.
Време е плодовите од гранките на дрвото на мудроста, кои се стремат кон единство со сончевата облагородувачка светлина и посегаат по небото како единствена граница на духот и креативноста, од срце да бидат приложени пред пошироката јавност и читателска публика. Промотивната дружба има за цел делумно да ги приближи дел од содржините кои се објавени во најновиот број на списанието до читателите и почитувачите на истото, едновремено и да ги заинтригира да се нурнат во остатокот од содржинската литературна и културна понуда на страниците од „Стремеж“ – вели главниот и одговорен уредник на „Стремеж“, Александар Еленин.
Првиот број во 2025 година, едновремено е и прво издание уредено од новата уредничка редакција на списанието – Александар Војнески (главен уредник), Владимир Мартиновски (уредник), Давид Стојаноски (уредник), Наташа Атанасова (уредник) и Виктор Јованоски (технички уредник).
Дизајнот на насловната страница е на Катерина Трајановска, а јазичната редакција (лектура) на Христина Ангелеска-Мијоска.
Новиот број на Стремеж содржински донесува авторски дела и препеви поделени во неколку блока.
Во поетскиот блок на авторска поезија се застапени: Владимир Мартиновски со седум зооминијатури (Џебен бестијариум) – Гуштер и камен, Полжав без дом, Комарец, Пеперуга, Гласот на паунот, Мачја песна и Песја песна, Ана Стојаноска со три песни – Отпосле тишината, [Не]мирна и Вистина, Миладин Угреновиќ со три песни – Писание, Чекање и Мисла, Цветанка Невчева со три песни – Погрешни ноти, Биди добар човек и Анатомија на чувствата. Во блокот со препеви/преводи се застапени: францускиот поет Лорен Грисон со седум песни, избор и препев на Владимир Мартиновски – Шепотот на живите, Аргонаут, Знак на еднаквост, Сок, Да се заврти сводот, Бело и Концерт, рускиот поет Николај Гумиљов со две песни, избор и препев на Елена Карпузовска – Жирафа и Папагал, полската поетеса Кажимјера Илаковичувна со четири песни, избор и препев на Звонко Димоски – Кога ќе проникне изворот, Исповед, Предупредување и Очекување, чешкиот поет Јан Скацел, избор и препев на Диме Митревски – Краток летен опиц, Молитва, Мали станици и Тажалка и бугарската поетеса Поли Муканова со две песни во препев на Зоран Јакимоски – 48 часа и Во центарот на станицата.
Со прозни дела се застапени: Александар Доневски со два раскази – Елипса и Самсара и Петре Димовски со По беспатјето до животот – завитка во вреќа од волна.
Во драмскиот блок интегрално е објавена монодрамата Ложа од Марио Стојаноски.
Со блокот посветен на критики, есеи и студии се застапени Никола Пијанманов со неговиот ликовно-уметнички осврт Сенките на Гоја и Кирил Бисероски со филозофско-естетичкиот есеј Клајновото уметничко дело – меѓу естетиката и идеологијата – вели уредникот Александар Војнески Еленин.