Промоција на Монографијата „Современа македонска фотографија 1945-2020“ и изложба на дела од Архивата на Фото сојуз на Македонија ќе се одржи на 30 јануари, четврток, со почеток во 20 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје.
„Монографијата е капитално дело и е единствена од ваков вид со вовед во историскиот и креативен развој на фотографската уметност во Македонија. Представува пресек на речиси 80 годишно творештво на автори членови на Фото сојуз на Македонија“, истакнуваат од Фото сојузот.
На изложбата премиерно ќе бидат претставени автентични дела од архивата на Фото сојуз на Македонија. Автори на делата се Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Кирил Билбиловски, Лазо Величковски, Ѓорѓи Гога Попов, Живко Јаневски, Благоја Бањански, Александар Цветиновски, Ацо Кондев, Владо и Лазо Плавевски, Билјана Јуруковска, Владимир Тодоров, Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Душан Доцевски, Валентин Малинов, Раде Луковиќ, Драги Неделчевски, како и автори од помладата генерација.
На промоцијата Монографијата ќе може да се купи на штандот на „Чудна шума Арт“.
Монографијата е поддржана како Проект од национален интерес од Министерство за култура и спонзорирана од Халк Банка – Скопје.