
Друштвото на писателите на Македонија и издавачката куќа „Макавеј“ организираат промоција на книгата „На врв од острицата“ („Макавеј“, 2024) од Сузана В. Спасовска, која ќе се одржи утре, 8.4.2025 г., со почеток во 19:00 часот во Друштвото на писателите на Македонија. Промотори на книгата ќе бидат поранешната претседателка на ДПМ Соња Стојменска-Елзесер и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски. Друштвото на писателите на Македонија и издавачката куќа „Макавеј“ се надеваат дека и Вие ќе ја збогатите оваа книжевна промоција со своето присуство.
* * *
„На врв од острицата е критичко-есеистичка книга во која се собрани текстови што ја отсликуваат критичарската активност на авторката во текот на повеќе од две децении.
Она што ги обединува овие текстови е живиот, страстен и едуциран интерес на Спасовска за македонската литература и во тие рамки, доминантно за поезијата. Токму таквиот фокус ѝ придодава посебно значење на оваа книга, која со самиот наслов ја манифестира тенденцијата да биде валоризаторски аналитична, прецизна и јасна.
На околу триста страници авторката загатнува низа значајни проблемски пунктови и преку анализите и коментарите првенствено придонесува за опфатно и квалитетно толкување на македонската современа поезија, како и на поопштите процеси и појави во македонската литература, но и на некои глобални културолошки феномени.“ (Соња Стојменска-Елзесер)