
Националниот археолошки музеј во соработка со Фондацијата Кирил Трајковски, со длабока почит и благодарност ќе ја организира постхумната промоција на капиталното научно дело на Кирил Трајковски, насловено „Епископијата на Брегалница и Моробисдон (VII – XIV век)”. Настанот е оваа среда, 11 јуни, од 12 часот во конференциската сала на Археолошкиот музеј.
Оваа монографија е резултат на децениска теренска и кабинетска работа, инспирирана од стремежот на авторот да ги обедини археолошките, историските и христијанските извори за еден од најзначајните духовни и културни центри на источното подрачје на денешна Македонија. Со прецизна анализа и стручна посветеност, Трајковски успеа да ги расветли улогата и значењето на епископијата во Моробисдон, и да го позиционира во пошироката рамка на византиската и средновековната историја, велат од Националниот археолошки музеј.
Во предговорот на изданието, Паско Кузман го истакнува трудот на Трајковски како редок пример на синтетичка научна мисла која рамноправно се потпира на теренски археолошки факти и историско-критичка анализа. Делото претставува не само научен подвиг, туку и историски сведок за еден истражувачки живот исполнет со посветеност, методологија и искрена љубов кон археологијата.
Приредувач на изданието е Ана Јорданова – Дубровска
На настанот ќе се потсетиме на ликот и делото на Кирил Трајковски, но и ќе ја афирмираме неговата оставнина како инспирација за идните генерации научници. Промотори на книгата се проф.д-р Виктор Лилчиќ Адамс и Паско Кузман, соопшти Националниот археолошки музеј.