
Средиштето и триумфот на убавинита во древниот град Хераклеа кај Битола се подните мозаици кои минатата година ги видоа над 23.000 туристи од Шпанија, Германија, Полска, Франција, Италија, Чешка…
Во период од шест месеци, од средината на месец април, до средината на септември, бројни беа и посетителите од државите на Балканот, најголем дел од Хрватска, Србија, Грција и Турција, податок за респект и мотив да се создадат можности за уште поголема посетеност.

Античкиот локалитет Хераклеа Линкестис е отворен за јавноста, но деновиве мозаиците се затворени! Зошто тоа се прави и на каков начин, разговаравме со Тони Николовски, стручен работник за конзервација на мозаици, конзерватор советник во НУ Завод и Музеј-Битола, наш водич низ Хераклеа во зима.
Мозаиците се отвораат и затвораат заради заштита од временски непогоди, пред се во зима кога температурите на воздухот на ова поднебје може да бидат и екстремно ниски со многу снег и мраз, вели нашиот домаќин, Тони Николовски, конзерватор советник во битолскиот Музеј.

-Затворањето, покривањето на мозаиците со заштитниот слој на песок, а тоа е речна песок, го почнуваме на средина или крај на месец октомври, во зависност од временските услови. Наш тим ја поставува заштитната мрежа низ целата мозаична површина и врз неа се постила заштитниот слој на песок чија дебелина е од 25 до 30 сантиметри. Тоа е доволна заштита на мозаиците од минусни температури во зимски период.

Отворањето т.е. отстранувањето на заштитниот слој на песок од мозаичните површини се одвива на крајот на месец април. Тим од 3-4 лица, во зависност од тоа колку мозаични површини ќе се отвораат, врши внимателно механичко отстранување на песокта, а се отстранува и заштитната парапропусна мрежа, која ги штити тесерите/камчињата од механички допир од алатот за отстранување на песокта. По отварањето на мозаикот се пристапува кон детално и внимателно метење, чистење и миење со мал млаз на вода на мозаичната поврина. Следниот важен чекор се врши со лозарска пумпа и прскање на целиот мозаик со Preventol R 80, средство против микроорганизми и слични штетници кое е безопасно за тесерите. Таму каде што е потребно се врши и прскање со анти коров средство против вегетација. На пролет, по проценка на тимот, се вршат и итни превентивни интервенции кои опфаќаат враќање на отпаднатите тесери, врзување едни со други како многу важен процес со што спречуваме проширување на поголема површина и губење на мозаичната композиција, истакна Николовски.
Движејќи се строго по посочената патека, на чекор до мајсторствата на луѓето чии имиња останаа непознати, но нивните рачно изработени мозаици што го регистрирале пулсот на христијанството во првите векови и денес сведочат за уметноста на тоа време, дознаваме на колкава површина се поставени хераклејските мозаици.
-Мозаиците во Хераклеа Линкестис се на површина од околу 1300 квадратни метри. Во 2025 година беа отворени четири мозаични површини. Јавноста, туристите можеа да се воодушевуваат на Мала Базилика-opus sectile која датира од четвртиот век, како и на мозаиците Егзонартекс на Малата Базилика, Нартекс од Големата Базилика и северен брод од Големата Базилика, од петтиот век. Овие мозаици секогаш ги отвораме за 7-8 работни денови, и тоа е доволно време за нашиот тим кој внимателно работи при откривањето на постелата врз мозаиците, враќајки ги во првобитната положба, предочи Николовски.

Но, освен посочените мозаици, во локалитетот се и мозаикот Голема Базилика јужен брод кој датира од втората половина од V век, потоа Голема Базилика јужен анекс-гаконикон, исто така од втора половина од V век, Крстилница, прва половина од V век, Катехумениум, прва половина од V век, Капела 1, Капела 2, Епископска резиденција, Триклиниум, втора половина на VI век, Одаја 2 од VI век, Одаја 3 од VI век, Одаја 4 од VI век, Е Базилика, наос IV до VI век, Е Базилика, северен брод IV до VI век и Е Базилика, нартекс која е од IV до VI век. Делови од мозаикот Е Базилика од IV до VI откриени во Хераклеа Линкестис, локација која ја посетивме пред празниците, сега се во лабараторијата за мозаик на НУ Завод и Музеј, каде се репарираат, поставуваат на цврста подлога и заштитуваат, појасни Николовски, со кого кратко престојувавме и во посебно опремената Лабараторија за мозаик во таа национална установа.
За врема на нашиот престој во магичното катче за продолжување на векот на мозаиците, ги забележавме сите алатки кои се користат за внимателно работење, материјали за заштита, а дознавме и за меѓународната соработка која Тони Николовски, стручен работник за конзервација на мозаици, ја негува со колеги од странство, како и со врвни домашни експерти.

-Меѓународната соработка ја почнав во 2008 година и е поврзана со професорот Паоло Ракањи од италијанскиот град Равена, но и со членот на МАНУ, академик Газанфер Бајрам. Таа соработка е насочена во современата технологија за конзервација, реставрација и заштитата на мозаиците и е фокусирана на конзервација на мозаици, конзерваторска пракса на древен и модерен мозаик. Соработката се остварува и со директни посети и усовршување за реставрација на мозаик во лабараторија за конзервација и реставрација кај професорот Паоло Ракањи, во Равена, како и учество во конзервација и реставрација на мозаици во лабараторијата Равена Антика и базилика Сан Северо во Равена. Со истакнатите експерти, академик Газанфер Бајрам и професорот Паоло Ракањи, пред околу десет години извршивме снимање со ендоскоп на подлогите на мозаичните површини во Хераклеа Линкестис. Имено, во 2016 година го реализиравме проектот „Снимање на мозаичните површини во Хераклеа Линкестис“, а снимањето, третманот и анализирањето на состојбата ги опфати сите мозаични површини, нагласи Николовски.
Мозаиците во Хераклеа се со единствена убавина. Вистински ремек дела на ранохристијанската уметност. Знаеме дека напролет бројни туристи ќе се нурнат во уметничките длабочини на мозаичните површини, анализирајќи ги боите на камчињата и светот на мислите искажан со изобилство дрвја и растенија како симбол на постојано раѓање, но и со бројни животни, елен, срна, гепард, лав, грациозен јарец, куче врзано на смоква…како и жители на слатките и солените води: лебеди, диви пајки, барски птици, пајчиња, делфини, риби, сипи, октоподи…

-Грижата за мозаиците во Хераклеа е секојдневна. Голема. Посветени сме затоа што ја сакаме нашата работа. Но, потребно е да се започне со процес на конзервација преку редовно и темелно одржување на мозаичните површини. Треба да се изврши историско истражување на реставраторските зафати и на одржувањето на археолошкото наоѓалиште со примат на мозаиците од 1970 година до денес. Потребен е план на предвидените зафати, да се определат приоритети и да се започне со определена регија, пример Малата Базилика-опус сектиле која ќе се заврши целосно со сите конзерваторски и реставратоски интервенции. Проблем од примарно значење е трeтирањето на празнините (лакуни) кои треба да се пополнат и да се реконстуираат онаму каде што е можно, да се отстранат сите стари пополнувања со малтер и да се заменат со нов компатибилен малтер. Важна е структурата на новиот малтер како и бојата на малтерот која треба да биде хомогена за сите регии. Едноставно мора да се спречи одвојувањето на одредена коцкичка и да се претвори во огромна празнина, или како стручно се вели, лакуна, истакна Николовски.

Според нашиот водич низ Хераклеа, заштитата на мозаиците може и да се осовремени и да се практикуваат други методи, побезбедни за коцкичките од мозаикот.
-Сегашниот систем на покривање на мозаиците со песок може да се замени со помалку разорен систем на душеци. Тоа се душеци направени од материјал наполнети со перлит, со дебелина од 30 сантиметри и така поставени врз мозаичната површина ќе овозможат подобра заштита. Ако се продолжи со ставање на песок и со негово маханичко отстранување, очигледно е дека секој пат ќе има се поголема и поголема загуба на коцкички од мозаикот, нагласи Николовски.
Завршувајќи ја нашата визита на Хераклеа Линкестис, меморирајќи се што е видливо за телесните очи, но и она што е невидливо, односно духовната содржина на локалитетот, знаеме дека мозаиците живеат со нас и ќе не надживеат…

Македонски





