
Во Музејско–културниот центар „Лапидариум“ во Охрид синоќа беше отворена изложбата „Патот на фреската“ од Ангелина Спировска и Владо Мукоски. Авторите се претставија со 17 дела изработени во текот на годината, изведени во автентична фреско техника, но со мотиви и пораки кои говорат на јазикот на денешнината.
Како уметници и професионални конзерватори на ѕидно сликарство, Спировска и Муковски го користат своето професионално знаење и искуство за да создадат дела што не се само технички доследни на фреско техниката, туку и естетски концептуално предизвикувачки. Инспирирани од духот на византиското сликарство, авторите го ослободуваат фреско изразот од сакралната догма и го пренесуваат во едно ново, уметничко и современо значење.