Skip to main content

Охридскиот регион нема да е ставен на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО, соопшти Николов од Кореја

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Одлуката беше донесена денес од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 48. сесија која се одржува во Бусан, Република Кореја, со која природното и културното наследство на Охридскиот регион не се впишува на Листата на светско наследство во опасност.

Македонската делегација на 48. сесија на Комитетот за светско наследство беше предводена од вонредниот и ополномоштен амбасадор при УНЕСКО, проф. д-р Игор Николов, кој во своите обраќања ја реафирмираше цврстата посветеност на државата за спроведување на препораките на Комитетот и за долгорочна заштита на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.

Оваа одлука претставува израз на доверба во преземените активности и во јасната определба на државата, во соработка со Република Албанија, да продолжи со спроведување на препораките на Комитетот за светско наследство, Центарот за светско наследство и Советодавните тела. Истовремено, оваа одлука не значи дека предизвиците се надминати. Напротив, таа претставува силна обврска за натамошно интензивирање на активностите за зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион. Македонија останува целосно посветена на спроведувањето на Планот за управување и Стратегискиот план за рехабилитација, на зајакнувањето на институционалната координација, на воспоставувањето на тело за управување, како и на понатамошната тесна соработка со Република Албанија во управувањето со ова прекугранично светско наследство, велат од македонската делегација.

Додаваат дека во наредниот период ќе продолжи спроведувањето на конкретни мерки за заштита, вклучително и подготовката на прекуграничната Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, зајакнувањето на инспекцискиот надзор и справувањето со бесправните градби, како и активностите за заштита и обновување на Студенчишкото Блато.

Амбасадорот Николов изрази благодарност до државите членки на Комитетот за светско наследство за конструктивниот пристап и довербата, како и до Центарот за светско наследство, советодавните тела како и сите партнери кои со својата експертиза и соработка придонесуваат за зачувувањето на Охридскиот регион.

Охридскиот регион е непроценливо природно и културно богатство со исклучителна универзална вредност. Неговото зачувување е наша национална одговорност, но и заедничка обврска кон светското наследство и идните генерации. Остануваме цврсто посветени на исполнување на сите преземени обврски и на обезбедување долгорочна, ефикасна и одржлива заштита на Охридскиот регион, во согласност со Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, порача Николов.

Поврзани вести