
Врз основа на Статутот и Правилникот за работа на Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“, Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) објавува конкурс за избор на директор на Фестивалот, соопштија од Друштвото.
Кандидат за директор може да биде секој редовен член на ДФРМ или докажан и афирмиран професионалец од областа на уметноста, културата или друга јавна сфера.
Кандидатот треба да ги исполнува следните критериуми: да има високо образование, да има менаџерски и лидерски способности и искуство, да има комуникациски и организациски способности за тимска работа и професионално однесување, да има познавање и искуство во следење на светската филмска продукција и филмските фестивали од висока категорија и да има одлично познавање на англиски јазик.
Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ има мандат од две години со право на повторен избор.
Материјалите треба да се достават најдоцна до 06.03.2025 година на електронската адреса contact@dfrm.org.mk или во седиштето на Друштвото на ул. 8ми Март бр.4 1000 Скопје, Република Македонија.
Актерот Симеон Мони Дамевски е актуелен директор на ИФФК „Браќа Манаки“ кој во два мандати ја извршува оваа функција.