Државниот архив ја заокружи годината со завчерашната промоција на најновото издание „Писма на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (историја на една мистификација)“ од д-р Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски. Промоцијата се одржа во Музејот на македонската борба.
Во делото се третираат документи кои говорат за односот научник и државна пропаганда, креирање „научни“ книги за лукративни цели, а целта на претставување биле дијалектите на македонскиот јазик во првата половина на XX век. Авторите се занимаваат со демистификација на работата на познатиот руски славист Афанасиј Метвеевич Селишчев од која сè уште има рефлексии.
Изданието содржи богат архивски материјал за проучување на лингвистиката, историјата и дава претстава за преплетувањето на политиката и науката во однос на историјата на Македонија и македонскиот народ, како и феноменот на корумпирањето на научниците во минатиот век.
На настанот се обрати издавачот, д-р Наташа Котлар-Трајкова, авторот, д-р Бранислав Светозаревиќ, промоторите, д-р Михајло Миноски, д-р Димитар Пандев и д-р Валентина Миронска-Христовска. Модератор на настанот беше Богдан Илиевски.