Македонисти од 18 земји од светот учествуваат на Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје што започна вчера, а ќе трае до 1 февруари.
Учесници се македонисти од: Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Кина, Полска, Романија, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка.
На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис и ќе се чествуваат годишнини за: Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).
Семинаристите работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).