Skip to main content

Мултимедијална изложба посветена на Ратка и Димче Протугер „Рефлексии“ во Чифте Амам

Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“ во Националната Галерија Чифте Амам на 20 декември со почеток од 19 часот, што ќе приближи поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари, партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.

Од уметничката продукција искажуваат дека изминатава година оствариле истражувачки и продукциски процес, со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, ни го имаат оставено сите нам.

Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова за изложбата напиша:

„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.

Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата, онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва. Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“

Од Атриум покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота со почеток од 19 часот во Чифте Амам, упатуваат огромна благодарност кон блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на оваа изложба, Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска и Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.

Ратка и Димче Протугер

Истражувачки тим: Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски Проектен тим: Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска

Авторки на текстови во публикација: Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска

Одговорна уредничка на публикација: Ива Рајчевска Соработничка во уредништво на публикација: Веда Ивановска

Дизајнерка на постер: Ива Јованова Фотографија: Александра Костадиновска

Видео: Исток Чаповски

Изложбата ќе биде отворена заклучно 27 декември.

Поврзани вести