Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека музејот Лувр ќе биде редизајниран, обновен и зголемен, со цел да стане „епицентарот на историјата на уметноста за Франција и целиот свет“.
Планот наречен „Нова ренесанса“ предвидува преселба на „Мона Лиза“ во посебна соба и креирање нов влез до 2031 година.
Тоа ќе го врамнотежи начинот на посета на музејот и повторно ќе им го врати на парижаните. Новиот Лувр ќе може да прими 12 милиони посетители годишно, наспроти сегашните речиси девет милиони“, изјави Макрон.
Тој ѝ наложи на министерката за култура Рашида Дати да подготви нови, повисоки цени на влезници за посетителите кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ, што би стапило на сила во 2026 година.
Макрон ги најави промените неколку дена откако директорката на Лувр, Лоранс де Кар, се пожали дека посетите на музејот станале физичко искушение бидејќи толпите туристи, протекувањето и неквалитетната услуга го нарушуваат работењето на најпосетуваниот музеј во светот. Иако дизајниран да прима четири милиони туристи годишно, лани оваа бројка била повеќе од двојно поголема – 8,7 милиони, од кои 70% биле странци.
Посетата на Лувр сега е физичко искушение. Треба време за да се пристапи до уметничките дела и тоа не е секогаш лесно. Посетителите немаат простор за одмор. Опциите за храна и тоалети се недоволни по обем и се под меѓународни стандарди“, рече таа.