
НУ Завод и Музеј – Битола организираше дводневна меѓународна стручна работилница посветена на конзервацијата на културното наследство, во рамки на проектот ACT4PRESPA, финансиран од Европската Унија.
Работилницата собра конзерватори, реставратори, архитекти, археолози и други стручни лица од Македонија, Грција и Албанија, со цел размена на искуства и презентација на практични решенија за заштита и зачувување на културното наследство во Преспанскиот регион.
НУ Завод и Музеј – Битола, како водечки партнер во проектот ACT4PRESPA, ја организираше првата од вкупно трите стручни работилници предвидени во рамки на проектот. Следните две работилници ќе бидат организирани од партнерските институции од Грција и Албанија.
Во текот на дводневната програма, учесниците имаа можност директно на терен да се запознаат со конзерваторските активности реализирани на повеќе значајни локалитети.
Првиот ден беа посетени Јени џамија и археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола, каде стручните тимови ги презентираа интервенциите поврзани со архитектурата, ѕидното сликарство и археолошкиот материјал, како и методите и предизвиците при спроведувањето на конзерваторските активности.
Вториот ден беше посветен на културното наследство во Преспанскиот регион. Во црквата „Св. Петка“ во Брајчино беа претставени резултатите од конзервацијата на ѕидното сликарство реализирана преку проектот ACT4PRESPA.
Програмата продолжи во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде експертите ги презентираа активностите поврзани со конзервацијата на архитектурата и фрескоживописот. Работилницата заврши со посета на Сарајот во Ресен, каде беа презентирани активностите за конзервација на покривната конструкција, исто така реализирани во рамки на проектот.
Од НУ Завод и Музеј – Битола посочуваат дека работилницата била организирана како теренска професионална платформа, наместо како класичен формат со предавања во конференциска сала, со што на учесниците им било овозможено непосредно да ги разгледаат методите, техниките и практичните предизвици во процесот на заштита на културното наследство.

Македонски



