
Македонскиот режисер и театролог Наум Пановски го доби Рациновото признание за 2026 за делото „Коста Солев смртопис“ . Одлуката ја донесе жирито во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова.
Романот е дело за национално преиспитување. Тој се заснова на проверени факти, документарни наоди, посветена истражувачка работа, која претходела на создавањето на ова ангажирано книжевно дело, посветено на Коста Солев како книжевен лик, но и симбол на националната трагика на Македонците. Во романот е расветлен уделот во неговиот живот на две образовани млади жени, Невенка Вујиќ и Марина Попиванова. Со нив Коста ги споделувал и градел неговите прогресивни идеи, неговиот поглед кон светот, замислата и борбата за класна борба во општеството. Наместо сензационалистичко објавување на имиња на конкретни егзекутори, авторот на крајот порачува, сите ние носиме одговорост за неговата трагична смрт, без преседан во поновата македонска историја. Затоа и вината станува колективна, рече Шелева на прес конференцијата.
Наградата ќе му биде врачена на 15 јуни, на отворањето на 63. издание на Рациновите средби, на сцената на Велешкиот театар. За Коста Солев ќе беседи академик Катица Ќулавкова.
На конкурсот за Рациново признание пристигнале 25 дела, едно била елиминирано оти било пријавено и лани. Во потесен избор за наградата влегле и книгите „Понекогаш се враќаат“ од Димитрие Дурацовски, „Толку темно“ од Сашо Димоски, „Ништо нормално “ од Симона Јовановска и „11 проверени начини како да ја зафркнеш љубовта “ од Драгана Лукан-Николоски.

Македонски



