
Меѓународниот музејско-истражувачки проект „Фотографи – Арсовски“, реализиран во соработка помеѓу загребскиот Музеј на уметности и занаети, македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот на град Скопјe, се вброи меѓу трите најдобри меѓународни проекти за годишната награда на ИКОМ – Хрватска.
Како дел од програмата „Хрватски музеи 2025“, вчера во Хрватскиот природно-научен музеј, беа презентирани тринаесет хрватски музејски проекти, кои влегоа во најтесниот избор за годишната награда на ИКОМ – Хрватска.
,,Фотографи – Арсовски” влезе меѓу првите три проекти во категоријата на меѓународни проекти за престижната награда на ИКОМ која се доделува секоја година, а пред присутната публика презентација за проектот имаше Ива Просоли.
Ова е исклучително значаен успех за македонскиот КИЦ во Загреб и потврда за нашата посветеност и континуирана поддршка за афирмација и промоција на македонските културни вредности преку проникнувањата и културните врски меѓу Македонија и Хрватска. Овој успех на проектот „Фотографи – Арсовски“ е силна потврда за капацитетот на македонската културна дипломатија да комуницира со меѓународната јавност и да биде дел од современиот дијалог за промоција на културните вредности, продлабочување на меѓународната соработка и културните врски меѓу двете земји, изјави директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Во годината кога загребскиот Музеј за уметности и занаети ја одбележува 145-годишнината од постоењето, како резултат на иницијативата за заедничка соработка на директорот на загребскиот Музеј за уметности и занаети, Сањин Михелиќ, и директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, беа реализирани две исклучително значајни изложби и промоција на монографија кои наредната година ќе бидат претставени во Музејот на град Скопје и во македонската Национална галерија.
Во рамките на проектот „Арсовски – Фотографи“, во октомври оваа година, во македонскиот КИЦ во Загреб беше промовирана научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“ чиј автор и уредник е Ива Просоли. Воедно, беше отворена и изложба посветена на претходно непознатото, но исклучително вредно фотографско творештво на семејството Арсовски. Со ова, се отвори ново поглавје и се надополни еден значаен сегмент во историјата на македонската и на хрватската фотографија. Авторскиот тим на оваа изложба го сочинуваат, Ива Просоли и Петра Галовиќ од Музејот за уметности и занаети, Татјана Ѓорѓиовска, Оливера Џартовска Тачевска и Славица Христова од Музејот на град Скопје, а визуелниот идентите и графичкиот дизајн се на Дејан Кршиќ.
Како резултат на соработката меѓу загребскиот Музеј на уметности и занаети и македонскиот КИЦ во Загреб, во месец мај, беше отворена изложбата ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“, посветена на една од најзначајните македонски графичарки, пионерката на македонскиот графички дизајн. На изложбата беа претставени непознати дела за хрватската јавност, создадени во 50-тите години на минатиот век во Загреб.
Со оваа изложба на авторките и кураторите Антонија Дошен и Кораљка Влајо, за првпат пред хрватската јавност беше претставен комплетниот уметнички опус на Менче Спировска, создаден за време на нејзините загребски студентски години, кој се чува во фондовите на Музејот на уметности и занаети во Загреб.

Македонски







