
Сите гласини дека предметите во Меморијалната соба на Петре М. Андреевски се во очајна состојба и дека не се чуваат ракописите се тотална невистина, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на археолошкиот локалитет Скупи каде е потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.
-Мојата посета на Демирхисарско беше закажана уште во почетокот на август. Искрено бев шокиран од написите што ги имаше по социјалните медиуми дека меморијалната соба на Петре M. Андреевски е во очајна состојба и дека не се чуваат ракописите дека имаат влаг, мувла, по што веднаш реагирав иако не е од мои ингеренции. Го видов натписот и веднаш уште ноќта додека бев на „Охридско лето“ реагирав кај градоначалникот да провери. Тој веднаш испрати екипа утрото сабајле во седум часот, да не нешто се случило во меѓувреме, но собата беше во таква состојба каква што ја видовме и вчера во медиумите. Чиста средена без влага, без мувла, зачувани предметите, оние предмети што семејството ги има донирано во Меморијалниот центар, освен ракописите коишто фамилијата ги има дадено да се чуваат во МАНУ, а не во Меморијалната соба, нагласи Љутков.
Повтори дека сите гласини дека таму има несоодветни услови за личните предмети на Петре М. Андреевски се тотална невистина.
-Единствено крах што се има случено таму е во 2021 година при огромни врнежи од дожд и од снег, пукната е една цевка на вториот спрат, но од сегашниот градоначалник веднаш е санирана и сега можете да видите само една мала напукнатина која што не предизвикува никаква штета на предметите. Повторно би ги замолил и оние кошто имаат тенденција понатаму да пишуваат или да шират некакви гласини, ние сме отворени како Министерство за сите прашања и ќе им ги дадеме точните одговори, рече Љутков.
Потсети дека на брифинзите со новинарите информираат точно за сите состојби во делот на културата, со цел, како што посочи, да нема повеќе вакви лажни дојави, лажни информации како што беше за ликот и делото на Петре М. Андреевски за Меморијалната соба.
-Секогаш кога ќе стигне до мене информација или до Министерството дека е потребна некаква помош за да дислоцираат одредени вредни спомени, ракописи, предмети на нашите автори, на нашите великани, секако дека ќе обезбедиме услови. До мене таа информација дека се чуваат несоодветно, не е стигната. Така да доколку се побара помош од наша страна, секако дека ќе излеземе во пресрет, истакна Љутков.