
Во Порта Македонија денеска се одржа промоција на јубилејна поштенска марка по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков се обрати на промоцијата на јубилејна поштенска марка по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик со зборовите: „Човек без јазик е како дрво без корен“.
Со овие зборови го започнувам денешново обраќање бидејќи нема ништо поважно за еден народ од неговиот јазик. Тој не е само средство за зборување, тој е срцето на нашата историја, борба и љубов кон зборот, кон коренот, кон татковината.
Низ годините нашиот јазик изгради мостови: од селските училишта до големите универзитети, од народната песна до современата книжевност. Го зборуваат стари и млади, дома и во дијаспората, на улица и на сцена.
Затоа, да се грижиме за јазикот, значи да се грижиме за себе, за иднината на нашите деца и за споменот на нашите предци.
Денеска чувствувам особено задоволство што во годината кога одбележуваме 80 години од неговата кодификација, промовираме специјална поштенска марка со која му оддаваме чест на нашиот македонски јазик. Во овој свет на брзи комуникации и дигитална ера, се чини дека поштенската марка е нешто од минатото. Но, не – таа е токму спротивното. Таа е сведоштво на трајноста. А македонскиот јазик е токму тоа – трајна вредност, што ги преживеала времето, притисоците и обидите за негирање.
Затоа оваа поштенска марка има огромно значење. Со нејзиното пуштање во оптек, праќаме и порака која истовремено е и честитка. Порака дека го почитуваме минатото, го славиме јазикот што нѐ поврзува и решени сме да го зачуваме и да го развиваме за идните генерации. Таа ќе патува по светот и ќе раскажува за осум децении јазична зрелост, за генерации писатели, поети, научници и наставници што го градеа и го збогатуваа македонскиот јазик.
Оваа марка ќе биде и потсетник дека македонскиот јазик живее и трае. Има своја историја, своја убавина и своја сила.
Од свое име и од име на Министерството за култура и туризам упатувам голема благодарност до АД Македонски пошти за придонесот во зачувувањето и промоцијата на нашето јазично културно богатство. Благодарност до младиот дизајнер Адријан Заревски, до членовите на координативното тело кое изготви соодветна пригодна програма која во текот на целата година ќе се реализира насекаде во државава и до сите што го носите јазикот во срцето, што го зборувате со љубов, што го пишувате со почит, што го чувате како нешто свето и што придонесувате во неговата промоција дома и во светот.
На крајот ќе порачам: да продолжиме да го негуваме македонскиот јазик со истиот идеал што го водеше Конески – со тивка сила, со длабоко чувство за одговорност и со верба дека зборот е столб на идентитетот, рече Љутков.