Skip to main content

Ликовна изложба на Ана Ивановска во Македонскиот културен центар во Истанбул

Ликовната изложба „Гумено време“ на авторката Ана Ивановска ќе биде отворена во вторник, 15 април 2025 во 19 часот во галеријата на Македонскиот Културно информативен центар во Истанбул, Турција.

Проектот „Гумено време“ претставува визуелно истражување на глобалните настани и нивните последици врз индивидуалното и колективното искуство. Пандемијата, војните и тековните конфликти трајно го трансформираа секојдневието, создавајќи чувство на неизвесност – време што се развлекува и истегнува, како гума, без јасен исход.

Делата овозможуваат непосредна интеракција со набљудувачот, отворајќи прашања за личната и општествената трансформација. Фокусот е ставен на внатрешната трансформација, различните ментални состојби, ситуации и чувства што произлегуваат од оваа нова реалност.

фото: Ана Ивановска

Влијанието од глобалните случувања, неизбежно се рефлектираше во фотографиите кои содржат повторувачки елементи на маски и ракавици кои формираат вистинска решетка, позади која се наоѓа уста која останува „Без здив“. Тие се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот и претставува еден вид релација на видливиот свет со невидливите опасности. Тоа се дела настанати преку истражување, експериментирање и комбинација на фотографија (фотомонтажа) и други материјали.

Низ проектот „Гумено време“ сепак, провејува нишка на надеж, повикувајќи нè да го негуваме чувството на задоволство и исполнетост преку пронаоѓање на сопствениот внатрешен мир – преку љубов, поврзаност и заедништво. Целта е да се поттикне поголема свесност за моментите што често остануваат незабележани, создавајќи нова перцепција за нашето опкружување. Овој стремеж произлегува од вечната човечка потреба за самоспознание и чувство на единство со универзумот.

Поврзани вести