
Пијанистката Горјана Стојановска од Битола ќе одржи концерт – рецитал со дела од Бах, Шуберт, Лист и Скрјабин вечер од 18:30 часот во Македонскиот културно-информативниот центар во Софија.
Горјана Стојановска од 2021 работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола каде што и матурирала. Дипломирала (2017) и магистрирала (2019) на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 2020 ја завршила Академијата Talent Music Master во Бреша, Италија.
Стојановска учествувала на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рувен Далибалтајан, Јулија Губајдулина. Има освоено награди на државни и меѓународни натпревари и реализирано многу солистички рецитали, како и учества на фестивали. Во 2011 и 2014 настапувала како солист со Македонската филхармонија, а минатата година настапила во Виена како солист со камерниот оркестар на Националната опера и балет.
-Настанот ветува уникатно музичко патување кое ќе ги поврзе различните стилови и периоди, создавајќи емотивно искуство за публиката. Програмата ќе ја поттикне длабочината на чувствата, размислувањата и инспирацијата, како и важноста на класичната музика во современото општество. Ќе биде овозможено поврзување со историјата и духот на музиката, како и уживање во магијата на живата изведба, соопшти Македонскиот културно-информативниот центар во Софија.