
Во пресрет на големата прослава 80 години постоење на Македонскиот народен театар, која ја одбележавме со промовирање на монографијата „Македонски народен театар 1945 – 2025 – Приказни поголеми од времето“ и сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ – Made in МНТ, во режија на Дејан Пројковски, кој премиерно ќе биде изведен на 29 декември, првиот човек на театарот, Никола Кимовски напиша:
Осум децении Македонски народен театар значат многу повеќе од хронологија. Тие се простор на слободна мисла, одговорност и визија. Значат генерации уметници кои го сфаќале театарот, не како професија, туку како животен повик.
Оваа претстава не ја реконструира историјата линеарно, туку чувствено ја артикулира нејзината суштина. Нејзина амбиција е да го допре она што е втиснато во колективната меморија на МНТ – гласовите, телата, тишината, храбрите одлуки, и луѓето на сцената и зад неа, без кои театарот не може да постои.
Претстава, која низ силен визуелен и мултимедијален израз, создава мозаик од македонската драматургија, поезија, музика и ликовност, како сведоштво за театарот, кој отсекогаш бил дијалог меѓу традицијата и современото, меѓу локалното и универзалното.
Фактот што во овој проект учествува моќен креативен тим како: актерите од ансамблот на МНТ, студенти по актерска игра, актери – надворешни соработници, оперски уметници и деца од драмски студија, говори за една суштинска вредност на овој театар – континуитет кој не се прекинува, туку се пренесува.
Како директор на Македонскиот народен театар, и како човек кој длабоко верува во неговата смисловна улога, ова го доживувам, не како прослава што го затвора кругот, туку како чин на јасна одговорност: Посакувам МНТ да продолжи во истиот адреналински ритам како простор на храброст, истражување и уметничка искреност.
Искрено им благодарам на сите уметници кои ќе застанат на сцената во овој спектакл и кои на 29 декември ќе ја понесат тежината и светлината на овие 80 години. Благодарност и до целиот вработен тим на МНТ зад сцената – од техничките служби, сценографијата, преку сценските работници, администрацијата и продукцијата – луѓе чиј труд најчесто не се гледа, а без кои театарот не може да постои.
И, дозволете ми да се поклонам и пред добрите духови на МНТ – пред доајените, уметниците кои повеќе не се со нас, а кои ги поставија темелите на овој театар, го изградија неговиот железен репертоар и му дадоа уникатен карактер, кој го наследија генерациите денес. Нивното присуство не е минато – тие се во секоја реплика, во секој сценски чекор и во секоја тишина што ја чуваме со почит.
80 години СЕ ПРИКАЗНИ ПОГОЛЕМИ ОД ВРЕМЕТО, во кои сцената, не е само место за изведба, туку простор на СЛОБОДНА мисла, љубов, емотивно соголување и трагање по смислата. МНТ отсекогаш бил повеќе од институција. Тој бил глас, кога гласот е неопходен да се чуе. Засолниште, кога времињата биле кревки. И огледало во кое општеството кристално јасно се огледува – понекогаш со гордост, друг пат во болка, но секогаш со вистина.
Ова се животи, посветени на уметноста. Ова се генерации што го чувале пламенот – од првата реплика до последниот аплауз. Тие се изблик за посветеност. За истрајност. За љубов кон театарот како најсложената, најранливата и најживата уметност.
МНТ е збир на колективен дух. Арсенал од гласови, мисли, анализи и љубов. МНТ не зборува со еден глас, туку е збир од многу солисти. Ние сме искрени поклоници од македонскиот драмски збор, кој МНТ го афирмира и го носи надвор од границите, па сè до Шекспир, Молиер, Чехов, Брехт, Бекет – овој театар отсекогаш бил дијалог помеѓу световите, место, каде локалното и универзалното се среќаваат. Место, каде современото и прогресивното, не се само мода, туку нужност.
МНТ е одговорност кон публиката. Кон времето во кое живееме. Кон надоаѓачките генерации, кои ќе не прашаат: „Што чесно сте направиле со гласот што ви бил даден?“
Како актуелен директор на Македонскиот народен театар и како човек, кој искрено го сака театарот, чувствувам благодарност што сум дел од овој жив континуитет.
И наедно, обврска – МНТ да остане простор на храброст, истражување и авангарда.
Театар што не се плаши да отвора прашања. И не се плаши од тишината меѓу две реплики. И додека имаме вакви челични уметници, кои ќе застанат на сцената со искрена жар, кои одново и одново горат на сцената, и публика, која ќе им верува, Македонскиот народен театар ќе продолжи да живее“, вели Никола Кимовски, директор на МНТ.

Македонски






