
Елена Несторовска, наставничка во ООУ „Владо Тасевски“ во Карпош оваа Нова година напиша сценарио и режира новогодишна претстава насловена „Каде исчезна Дедо Мраз?“ која на 24 декември ќе се одигра во нивното училиште. Училиштето одлучи оваа претстава годинава да има хуманитарен карактер и сретствата од продаените билети да бидат наменети за лекување на нивен ученик кој боледува од церебрална парализа. Во претставата играат наставниците и стручните соработници од ООУ „Владо Тасевски“.


„Каде исчезна Дедо Мраз?” , во која глумиме ние, наставниците и стручните соработници, со единствена цел – собирање средства за лекување и третман на нашиот ученик од прво Г одделение, Тео, дете со церебрална парализа.
Вашето присуство и хуманост значат многу. Заедно можеме да направиме добро дело!
Билетите ќе бидат пуштени во продажба денес, 11.12.2025 (четврток) кај Наде и Сања во училишната продавница и кај Мики обезбедување. Претставата е на 24.12.2025г., во аулата на училиштето, од 18ч., каде ќе има поставено и плус кутии за донација за нашето прваче Тео.
Замолувам/е за купување на билети, бидејќи со тоа ќе помогнеме на нашето мало другарче прваче Тео.
П.С. Не заборавајте да ја напишете Вашата новогодишна желба на картата – или желбата на Вашето дете.
ОДНАПРЕД ВИ БЛАГОДАРАМ/ВИ БЛАГОДАРИМЕ НА ХУМАНОСТА!
Со Несторовска разговаравме за идејата, предизвиците да се напише сценарио и да се режира претстава, да се убедат колегите кои не се професионални актери да учествуваат и за хуманоста…
На 24 декември во училиштето „Владо Тасевски“ ќе се изведе хуманитарната претстава „Каде исчезна Дедо Мраз?“ Во претставата играат наставниците и стручните соработници. За каков проект станува збор?
Станува збор за хуманитарен проект во кој наставниците и стручните соработници се здружија со една заедничка цел,а тоа е преку уметност и заедништво да помогнеме на наше учениче од прво одделение, кое боледува од церебрална парализа и на кое му се потребни средства за лекување. Претставата е наш начин, како училиште, да покажеме дека веруваме во чуда, дека добрината се шири кога се споделува и дека секое дете заслужува поддршка, надеж и љубов. Сакаме како училиште да подадеме рака, да шириме добрина и да потсетиме дека кога сме заедно, чудата се можни.

Сценариото и режијата се Ваши. Како се снајдовте во оваа улога, со оглед на фактот дека сте долгогодишен педагог? Што Ве инспирираше?
Искуството како одделенски наставник ми помогна полесно да се снајдам во оваа улога, бидејќи и сценариото и режијата ги гледам како продолжение на воспитната мисија. Инспирацијата секогаш доаѓа од децата и од потребата да се пренесе порака за човечност и надеж. Работата со деца ме научи да верувам во приказни. Токму таа верба беше мојата најголема инспирација. Така оваа улога ми дојде природно. Иако првпат работев со возрасни, инспирацијата остана иста – детската радост и блесокот во нивните очи. Немав проблем да се снајдам, бидејќи создавањето драматизации ми е долгогодишна пракса. Првично драматизацијата беше замислена за деца, но околностите се одвиваа поинаку, па таа беше преадаптирана за возрасни и за работа со колегите. Тоа донесе поинаква, но многу убава енергија. Покрај децата, голема инспирација ми се и колегите взаемната помош, поддршката и чувството дека сите заедно работиме за повисока цел. Во време кога често забораваме колку значи заедништвото, моите колеги ме потсетија дека најубавите нешта се создаваат заедно.

Од оние кои ќе присуствуваат на претставата побаравте задолжително на лист да ја напишат својата новогодишна желба или новогодишната желба на своето дете. Што ќе се случи со тие ливчиња?

Ливчињата ќе станат дел од самата бајка. Тие ќе продолжат да живеат на сцената и ќе добијат свое место во приказната, носејќи ја енергијата на желбите од публиката. Што точно ќе се случи со нив, тоа го оставаме како мало новогодишно изненадување на публиката. Желбите нема да останат само напишани, ќе потсетат дека секоја искрена желба има свој пат. Ќе станат дел од приказната и ќе ја поврзат публиката со бајковитиот свет на сцената.
Какви предизвици имавте додека се подготвуваше претставата? Што беше најтешко, а што најлесно да се реализира?

Најголемиот предизвик беше усогласувањето на времето и обврските, бидејќи сите учесници во претставата имаат свои професионални задачи. Сепак, токму тука најмногу се покажа тимскиот дух и подготвеноста за меѓусебна поддршка. Најтешко беше да се вклопи се во краток временски период, а најлесно да се создаде позитивна атмосфера, затоа што желбата и ентузијазмот се заеднички. Предизвиците беа организациски, но срцето на проектот течеше лесно. Кога сите веруваат во целта, работите си го наоѓаат патот. Најтешко беше усогласувањето на обврските, а најлесно беше заедничката енергија и желбата да се направи нешто добро.
Претставата има поднаслов, „Бајка во дигитално време“. Во време на новогодишните празници на сите им е потребно да веруваат во бајки. Каква порака ќе донесе оваа?

Оваа претстават има поднаслов, „Бајка во дигитално време“, затоа што не потсетува дека и во дигитално време, кога сме опкружени со екрани, пораки и брзина, највредните нешта остануваат исти: добрината, љубовта, пријателството и вербата дека чудата се можни. Не смееме да ја изгубиме врската со себе и со другите. Бајката не учи дека технологијата може да биде алатка, но срцето е тоа што создава бајки. Потсетува дека добрината, емпатијата и вербата во чуда не се застарени вредности. Напротив, токму во вакво време тие ни се најпотребни, особено за време на новогодишните празници. За Нова година, токму тоа ни е најпотребно, да поверуваме повторно, да не ја изгубиме магијата на човечкото срце. Не учи дека и во дигитално време, чудата се создаваат преку човечка топлина и убав збор, а не преку екрани. Вистинската магија се уште живее во добрината, човечката блискост и вербата во чуда.



Разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива

Македонски






