
Уметничката група „Три“, составена од визуелните и мултимедијални уметници м-р Страхил М. Петровски, д-р Лазе Трипков и м-р Ангел Коруновски, на 14 март, во 19 часот, со изложбата „Зошто не сега…?“ ќе се претстави во галеријата „Магаза“ при НУ Завод и Музеј Битола.
Првото заедничко претставување на тројцата уметници претходно се случи во Галерија МКЦ во Скопје, а изложбата во „Магаза“ е нивното второ изложување на делата споени во концептот „Зошто не сега…?“.
Предговор кон изложбата напиша проф. д-р Владимир Мартиновски, текстот е со наслов „Сега, баш сега!“, а тука пренесуваме еден дел од текстот.
– Секое ликовно дело е плод од едно творечко „сега“, чии никулци можат да се насетат не само во претходните дела на секој од нив тројцата, ами и во новите хоризонти кои се отвораат кога уметничкиот чин ќе се сфати како отворен процес на заеднички истражувања, ефектно најавен со поднасловот на проектот „Хроматски контрасти: сенки, отсуство и рефлексија“.
Заедничката изложба на Петровски, Трипков и Коруновски е вдахновен влог во истражувачката компонента на современата мултимедијална уметност. Во оваа изложба има неколку иноваторски нишки кои се распостилаат низ делата: 1) смели, длабоко лични и непредвидливи истражувања на можностите на монохроматизмот преку суптилните игри со нијансирања, но и контрастирања (темно-светло) кои ги нуди црната боја. Оваа (нај)енигматична боја, тоа ни го предочува овој проект, има неисцрпен симболички потенцијал, особено на оската „присуство-отсуство“, која е обединувачка тематска нишка на овој проект. Да се потсетиме дека со црната боја се поврзува и бескрајот на универзумот и смртта, но и мајчината утроба или внатрешноста на земјата, од каде се раѓа новиот живот; 2) истражувањето на медиумските прелевања и проникнувања во апстрактниот ликовен израз, остварена во различни облици на експресија (од инсталации и објекти, преку постери и фотографии, па сè до масла на платно, акрил на платно и комбинирани техники); 3) истражувањето на можностите за влегување во дијалог со други творци, без притоа да се загуби препознатливиот творечки ракопис на секој од авторите.
Со заедничкиот проект „Зошто не сега…?“ уметничката група „Три“, Страхил М. Петровски, Лазе Трипков и Ангел Коруновски си поставуваат и ни поставуваат голем број суштински прашања преку визуелниот јазик, уверувајќи нè дека уметничките дела повикуваат на саморефлексија и на ново согледување на човековата состојба денес. А кога, ако не сега? – напиша проф. д-р Владимир Мартиновски.