
По повод 8 Декември, Св. Климент Охридски, патронот на НУБ „Св. Климент Охридски“, највисоки државни делегации положија цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски во дворот на Националната библиотека. Трочлена делегација во состав: Јовица Никчевски – директор, Арсена Глигорова и Магдица Шамбевска раководителки на сектори положи цвеќе во име на колективот на Библиотеката.
Во рамките на чествувањето на, патронот на Библиотеката се одржа настан со пригодна програма за одбележување на овој значаен ден. Традиционално беа доделени јубилејни награди за вработените и за пензионираните колеги во 2025 година.
Свети Климент се смета за првиот библиотекар на ова тло, поради неговото огромно зачувано творештво и основоположник на Охридската книжевна школа, рече директорот на НУБ „СВ. Климент Охридски“, Јовица Никчевски.

Патронот на библиотеката, сесловенскиот просветител Св. Климент Охридски (830-916) ја формирал првата манастирска библиотека во Охрид, во манастирот Св. Пантелејмон, а средновековните манастирски библиотеки во Македонија продолжиле да ги негуваат библиотекарските традиции. Во почетокот на 19. век се формираат училишни и јавни читалишта, кои ја продолжуваат и развиваат традицијата за собирање и чување на книгата, што е темел на културната меморија и овозможува споделување на знаењата и духовните дострели.


Почетниот фонд на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, при започнувањето со работа во слободна Македонија изнесувал околу 150.000 библиотечни единици, од кои најголем дел се наследени од Централната библиотека на Филозофскиот факултет во Скопје. Оваа библиотека била формирана 1920 година и во почетокот била од затворен тип, односно ги задоволувала потребите само на студентите и наставниците, а по формирањето на посебни семинарски библиотеки во рамките на факултетот, таа станала отворена и за поширок круг корисници, односно добила статус на прва јавна општонаучна библиотека. Нејзиниот фонд до почетокот на Втората светска војна содржел универзитетски учебници и научни публикации од областа на хуманитарните и општествените науки (книжевност, етнологија, географија, историја и сл.), а исто така и значајни наслови од референтна литература (енциклопедии, речници, библиографии) и приближно 300 наслови периодика. За време на Втората светска војна, библиотеката е одредена за депозитна библиотека на бугарската издавачка продукција и во тој период, како задолжителен примерок се добиени поголем број публикации на бугарски јазик од различни области на културата, науката и образованието, со што структурата и обемот на книжниот фонд значително се измениле и се прошириле во однос на содржините и на јазикот.



Покрај книжниот фонд, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ го наследила и скромниот простор во зградата на предвоениот Филозофски факултет, лоцирана во централното градско подрачје, на левиот брег на Вардар. Во тој простор, во 1944 година, отпочнала работата со 50 читателски места и дванаесет вработени.
Во рамките на минатогодишната посета на Саем на книга во Лајпциг делегацијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ оствариле бројни средби со тамошните институции. Директорот Никевски вели дека присуството на Саемот во Лајпциг го искористиле не само за претставување на Библиотеката пред тамошната јавност, туку и за контакти со нивните библиотеки и институции.
Подготвија:
Невена Поповска, новинар
Александар Ивановски, фото/ видео
Александар Арсовски, монтажа

Македонски







