Skip to main content

„Широк Сокак во бело – Бела ноќ 2026“ ја претвори Битола во голема фестивалска сцена со илјадници посетители

Две вечери, две различни генерациски приказни и илјадници посетители во центарот на Битола. Со детска програма пред Офицерскиот дом и голема музичка вечер на плоштадот Магнолија, „Широк Сокак во бело • Бела ноќ 2026“ и годинава го претвори градот во голема отворена фестивалска сцена. Настан што се случува по 16 пат.

На 21 и 22 август Битола живееше во ритамот на „Широк Сокак во бело” традиционалната градска манифестација која во текот на две вечери собра илјадници посетители на Широк Сокак, пред Офицерскиот дом и на плоштадот Магнолија.

Дводневната програма започна во петокот, 21 август, со детскиот хепенинг на платото пред Офицерскиот дом, кое неколку часа целосно им припадна на најмладите.

Во програмата настапија кловнот ЗАГИ, Мими со Југото, DJ Милојевиќ, беше изведена детската театарска претстава „Распуст лета, школо цвета“, а дел од вечерта беа и омилените детски маскоти, Детскиот музички фестивал ТРА ЛА ЛА и Алексеј Ивановски.

Просторот пред Офицерскиот дом беше исполнет со деца и родители, со музика, театар, танцување и детска врева, најавувајќи ја главната фестивалска вечер што следуваше еден ден подоцна.

Илјадници луѓе во центарот на Битола

Во саботата, 22 август, „Широк Сокак во бело • Бела ноќ 2026“ продолжи со главната музичка програма на плоштадот Магнолија.

Уште од раните вечерни часови, од улиците што водат кон Широк Сокак непрекинато пристигнуваа посетители. Центарот на градот постепено се исполнуваше, а илјадници луѓе го зазедоа Широк Сокак и просторот пред главната сцена.

И годинава публиката масовно го почитуваше препознатливиот кодекс на облекување на манифестацијата,,белата боја. Така, покрај музиката и големата посетеност, Бела ноќ повторно ја создаде својата најпрепознатлива слика: илјадници луѓе кои една августовска вечер заедно излегуваат во центарот на Битола.

На главната сцена настапија DJ Чико, Никола Зацески, Алексеј Ивановски, Паркети, Ѓоко Танески со својот бенд и Дац и Александар кои ја донесоа на сцена и Маја Гроздановска Панчева, во програма која спои различни музички жанрови и генерации.

Од првиот до последниот настап, публиката остана пред сцената, а познатите песни и рефрени ги пееја илјадници посетители.

Токму македонската музика и годинава беше во центарот на концептот на манифестацијата.

„Широк Сокак во бело – Бела ноќ 2026“ продолжува со определбата големата сцена да им припаѓа на македонските музичари, бендови и гласови,,не како придружна програма, туку како носители на главната фестивалска вечер.

Тоа е и една од идеите што манифестацијата сака да ја продолжи – македонската музика да се слави на голема сцена, пред голема публика и во центарот на градот.

Со две програмски вечери, содржини за најмладите, голема музичка програма и илјадници посетители, „Широк Сокак во бело – Бела ноќ 2026“ уште еднаш го потврди својот карактер на една од најмасовните летни градски манифестации во Битола.

Од детската врева пред Офицерскиот дом во петокот до преполниот плоштад Магнолија во саботата, градот два дена живееше на улиците и плоштадите.

А главната сцена повторно ѝ припадна на македонската музика.

Поврзани вести