Во Културно информативниот центар Битола, Македонско-хрватското друштво и Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ”, организира Божиќен и предновогодишен концерт, кој овoј центар традиционално го организира секоја година на радост на љубителите на хрватската култура во Битола. На програмата се: Изложба по повод 500-годишнина од првото печатење на „ЈУДИТА“ на таткото на хрватската книжевност, Марко Марулиќ, предавањето на гостите од Сплит, Лука Марковиќ- Литературен круг Марулианум, „Марко Марулиќ и Европа“. Главниот настан е концертот на КУД „Јелса“ –„Песни и ора на Далмација“, на гостите од Јелса, островот Хвар. Вечерта со својот настап, ќе ја збогатат специјалните гости, учениците од Државното музичко училиште- Битола: Теона Буџаковска пијано, дуото соло пејачи Климент Ристески и Илијана Серафимова, пијано придружба Александар Грујовски.
Во 1945 година во Јелса е основано Културно-уметничкото друштво „Проф. Ќиро Гамулин“, кое функционира до почетокот на 60-тите години, кога престана да работи и последната секција. Кон крајот на 70-тите, друштвото беше повторно обновено. Истото делува преку неколку секции. Фолклорната група ги изведувапе старите танци на островот Хвар и старосплитските, по кореографија на проф. Бранко Шеговиќ. Од 2011 година друштвото делува под името Куд „Јелса“ под водство на Перица Милета и навистина имаат со што да се гордеат. Верно го чуваат и пренесуваат културното и фолклорното наследство од колено на колено – на помладите, но и на постарите генерации. Редовни учесници се на сите културни настани на островот, но и далматинскиот регион, како и на сцените низ Хрватска и светот: Сплит, Меткович, Џаково, Винковци, Самобор, Велика Горица, Прага, Будимпешта, Белград, Охрид, Херцег Нови, Виена. На тие настапи тие создадоа пријателства кои траат до денес. Бројот на членови се зголемува од година во година, така што денес друштвото брои околу 80 членови. Работата на КУД-от се одвива преку фолклорните секции, женската вокална група „Фреција“, кои исто така гостуваа во Битола и Мандолинскиот оркестар. Секоја година го организираат Меѓународниот фолклорен фестивал во Јелса на кој минатата година настапи КУД „Илинден“ од Битола.
Покрај одржувањето на овие концерти, одбележувањето на хрватските празници, Хрватскиот културен центар секоја година организира презентирање на македонските уметници и групи во Хрватска. Концертот ќе се одржи на 13.декември (петок), со почеток од 19:00 часот .