„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија.
Овој настан, на 9 декември, во 20 часот во Филхармонијата одбележува 30 години од најголемиот успех на Македонија – не само во културата, туку и воопшто. Oва е прв и засега единствен пат македонско дело да победи на најважен светски мегдан.
На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видео порака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.
Присуството го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија.
Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци.
Приватни компании ги поддржале изданијата, биографската книга „Милчо за Манчевски“ и изданието на меморијалниот есеј „Убавите работи долго траат“ кои ќе бидат бесплатно достапни за публиката.
Појавувањето на „Пред дождот“ е дел од создавањето на државноста и на националното самочувство. Македонија и Македонците можат да создадат дело кое се смета за светски класик и дело преку кое многумина во светот за првпат слушнаа за Македонија.
„Пред Дождот“ стана дел од светската културна баштина, стана класик со сврстувањето во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“ и со тоа што „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови во историјата.
За „Пред дождот“ е посветена интердисциплинарната академска конференција во Фиренца, има над 5.000 написи за филмот во светскиот печат, вброен е во академската програма на над 200 универзитети, како и во италијанските средни школи, освоил над 30 награди на меѓународни фестивали (меѓу кои и Златниот лав, ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит и Номинацијата за Оскар), играл на 220 фестивали и има дистрибуција во над 60 земји, има десетици книги и поглавија во светската стручна литература посветени на овој велик филм.
Кога „Пред дождот“ во 1994 година го освои Златниот лав, тоа беше првпат македонско дело не само да учествува рамноправно во светска конкуренција, ами и да победи. Многу ретко се случило малечка Македонија во светот да ја сметаат за рамна на себе, а – што е уште поретко – и ние самите така да се осетиме. Тој громогласен аплауз со кој светот ги прими филмовите на Манчевски за нас не беше само сплотувачки фактор, туку и извор на самодоверба и на националното самочувство.
Пред точно 30 години „Пред дождот“ триумфираше во Венеција, освојувајќи го Златниот лав за најдобар филм и уште 9 други награди на Фестивалот.
„Њујорк тајмс“ потоа го вброи „Пред дождот“ меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на Фестивалот по мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“. „Пред дождот“ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира, делото и авторот се споредувани со делата на Џојс, Кундера, Бергман, Тарковски.
„’Пред дождот’ ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја”, „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија. Со помош на „Пред дождот” се изучуваше македонскиот јазик на универзитети во САД и Полска, а во Кореја – англискиот. Дури, има и италијанско вино што се вика „Пред дождот“. Во ноември 2024 филмот повторно се прикажува во Кина (од Државниот кинески филмски архив), во Словенија и во Бразил.
А во 1994, Македонија беше само едно ново име на светската мапа. Огромниот успех што филмот го имаше во светот, како и огромниот публицитет што го проследи тоа во светските медиуми, на името Македонија му дадоа лице и со тоа, дефинитивно, ја етаблираа како факт на светската мапа. За „Пред дождот“ се објавени над 5.000 текстови на 50-ина јазици, неколку илјади текстови емитувани на радио и на телевизиските мрежи низ светот, има десетина илјади референци за овој филм на Интернет.
Пред светската премиера, кога „Пред дождот“ бил избран да игра во конкуренцијата за награди, Венецискиот фестивал му пишал љубезно писмо на Манчевски да го праша какво е македонското знаме, оти никогаш не го виделе. Во 1993 „Бритиш скрин“ почна соработка со Македонија за „Пред дождот“, иако Велика Британија немаше дипломатски односи со државава. Во 1995, кога „Пред дождот“ беше номиниран за Оскар, Манчевски одби да присуствува на свеченото доделување на Оскарите затоа што Американската филмска академија реши филмот да биде најавен како филм од ФИРОМ, и успеа да оди под уставното име, Република Македонија.
Во земјава, реплики од филмот станаа дел од популарната култура. На крајот на 1990-те на зградата на Македонската опера и балет стоеше графит со дијалогот: „Нема тука да пукне, мирен е народот. – Така и за Босна викаа, сега Запад сеир гледа, чека да се испоколат“.
Репликата „Пукај бе, братучед, пукај“, веќе 30 години се испишува на разни објекти во Скопје, беше мото и на транспарентите на сега веќе историските студентски протести во 2014-2015, исто како и „Кругот не е тркалезен“. По повод 25-годишнината од Златниот лав, едно кафуле во Скопје креираше коктел „пред дождот“ што редовно е на менито.
Само една година откако Грција го радикализира наметнатиот спор за името и ја затвори границата, а милион луѓе излегоа на антимакедонски митинг во Солун, се случи овој филм. По премиерата во Венеција и Златниот лав, грчкиот весник „Апогематини“ пишуваше: „Овој филм на младиот скопјанец би требало да го земе под заштита грчкото Министерство за култура и да го покажува на членовите на комитетите на Центарот за кинематографија и на оние што доделуваат награди на грчки филмови што не успеале. Да ги повикува сите режисери и да им кажува: ете што направи скопјанецот за својата татковина, зашто и името на новосоздадената земја го направи познато!“ А „Та неа“ заклучи: „Ова не е никаков антигрчки заговор. Жално е што и Грција не може да создаде филм вреден за Златен лав“. Дури и агенцијата Франс прес во веста за грчките реакции имаше наслов „Нема антигрчки заговор“.
Кога во септември 2004, токму на 10-годишницата од венециската премиера на филмот, излезе Монографијата „Дожд – Светот за ’Пред дождот’ на Милчо Манчевски“, на промоцијата беше и првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, кој рече: „Знаете што, јас мислам дека ‘Пред дождот’ е најубавото нешто што ѝ се има случено на Македонија во овие 10 години”.
Неговите филмови етаблираа нова фаза во современата филмска продукција во Македонија (први меѓународни копродукции, воведување кастинг процес, сториборд, сублиминален тон; претставувања македонски играни филмови на фестивали од А-категорија, светска кинодистрибуција на македонски филмови, и друго).
Искуството на „Пред дождот“ беше охрабрувачко и за другите креативци – тој им покажа дека можат слободно да се натпреваруваат со другите во светот, а не само во државата или регионот, иако не е лесно. Откако „Пред дождот“ победи во Венеција, веќе е нормално да очекуваме наши филмови да гледаме во Кан, Берлин, Ротердам, Санденс, и да очекуваме тие да освојуваат награди. Веќе е нормално да очекуваме дело од македонски автор да биде рамноправен дел од светската културна баштина.
За Македонија опусот на Манчевски е од колосално, формативно значење. Од „Пред дождот“ (1994) до „Кајмак“ (2021), неговите филмови освоија повеќе награди во светот и беа видени и почитувани во повеќе земји од било што создадено во Македонија.
За многу гледачи од светот „Пред дождот“ беше поттик да тргнат на пат и да дојдат да ја видат Македонија. Во архивата на Манчевски има стотици пораки и писма од гледачи од целиот свет кои сведочат за тоа.
„Пред 7 години слушнав за еден прекрасен филм наречен ‘Пред дождот’, на начин како што во дамнешните времиња некој би чул за тоа дека во градот е познат исцелител или мистик“, пишуваше еден гледач од Израел, и кажа дека оттогаш филмот го гледал повеќе од 10 пати, па дури со тројца пријатели дошол и во Македонија и отишол да ја види црквата на Канео во Охрид.
Триесет години по премиерата, на Оскарите 2024, во промотивното видео емитувано пред оскаровската церемонија во кое филмски уметници одговараат на прашањето кој филм ги инспирирал да посакаат да патуваат во земјата каде е снимен, легендарната актерка Глен Клоуз го избра „Пред дождот“.
„Постои филм што се вика ‘Пред дождот’ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара земја и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, рече Клоуз која има осум номинации за Оскар.